Од недела се воспоставува ново сообраќајно решение со кое ќе се намали гужвата пред Сити мол

Од недела (09.12.2018), започнува да функционира новото сообраќајно решение за потегот околу Карпош 4, со кое ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж и ќе се воспостави поголема безбедност. Станува збор за новопоставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

-Токму оттука, од Карпош 4 од овој викенд започнува нов режим на сообраќај, со цел побезбедно движење на граѓаните и превентивно да ги заштитиме граѓаните, првенствено младите, од сообраќајниот метеж околу Сити Мол и во овој дел на Карпош 4, изјави градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

Според новиот режим на сообраќај, возилата кои се движат од ул. „Московска„“ и бул. „Партизански одреди“ во правец на „Љубљанска“, а сакаат да завртат лево за „Волгоградска“, сега ќе продолжуваат право и ќе можат да завртат лево на „Разловечко востание“.

Новиот сообраќаен режим овозможува побрз проток на сообраќајот пред ТЦ Скопје Сити мол, а значително ќе ја зголеми безбедноста на движење на возила и пешаци и внатрешно, во населбата (долж сервисните улици).

Сообраќајното решение е подготвено и одобрено од страна на повеќе надлежни институции и стручни субјекти: Општина Карпош, Градот Скопје, Министерството за внатрешни работи преку СВР Скопје и стручни лица – сообраќајни инжинери.

За побрза и полесна имплементација на новото сообраќајно решение, градоначалникот Богоев најави дека ќе има присутни лица од СВР Скопје и од Општина Карпош, кои ќе ги упатуваат возачите и граѓаните како треба да се движат.

-Ние како Општина остануваме на нашата заложба за побезбеден сообраќај и се надевам на уште поуспешна соработка во таа насока со СВР Скопје и со Министерството за внатрешни работи, а апелирам сите граѓани да ја почитуваат новата сообраќајна сигнализација, изјави Богоев.

Коментари

Популарно