Од недела се воспоставува ново сообраќајно решение со кое ќе се намали гужвата пред Сити мол

Од недела (09.12.2018), започнува да функционира новото сообраќајно решение за потегот околу Карпош 4, со кое ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж и ќе се воспостави поголема безбедност. Станува збор за новопоставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

-Токму оттука, од Карпош 4 од овој викенд започнува нов режим на сообраќај, со цел побезбедно движење на граѓаните и превентивно да ги заштитиме граѓаните, првенствено младите, од сообраќајниот метеж околу Сити Мол и во овој дел на Карпош 4, изјави градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев.

Според новиот режим на сообраќај, возилата кои се движат од ул. „Московска„“ и бул. „Партизански одреди“ во правец на „Љубљанска“, а сакаат да завртат лево за „Волгоградска“, сега ќе продолжуваат право и ќе можат да завртат лево на „Разловечко востание“.

Новиот сообраќаен режим овозможува побрз проток на сообраќајот пред ТЦ Скопје Сити мол, а значително ќе ја зголеми безбедноста на движење на возила и пешаци и внатрешно, во населбата (долж сервисните улици).

Сообраќајното решение е подготвено и одобрено од страна на повеќе надлежни институции и стручни субјекти: Општина Карпош, Градот Скопје, Министерството за внатрешни работи преку СВР Скопје и стручни лица – сообраќајни инжинери.

За побрза и полесна имплементација на новото сообраќајно решение, градоначалникот Богоев најави дека ќе има присутни лица од СВР Скопје и од Општина Карпош, кои ќе ги упатуваат возачите и граѓаните како треба да се движат.

-Ние како Општина остануваме на нашата заложба за побезбеден сообраќај и се надевам на уште поуспешна соработка во таа насока со СВР Скопје и со Министерството за внатрешни работи, а апелирам сите граѓани да ја почитуваат новата сообраќајна сигнализација, изјави Богоев.

Врие змии во Скопје

Топлото време и потрагата по храна ги натера змиите да излезат од скривалиштата. Тие денеска се појавија во дворовите во населбата Бардовци.

Откако драстично се стопли времето појавата на змии низ Скопје стана зачестена. Минатата година во исто време имаше наезда од змии во Центар, Ѓорче Петров…

Познавачите на влекачи велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот.

- Од 15 март до 15 октомври на змиите им е процес на хранење и парење. Од април до јуни им е парењето. Ова е нивно нормално однесување, не се поагресивни. Од 16 видови змии кај нас само пет се отровни, а од нив само поскокот е директна закана и може да доведе до смртни последици и веднаш треба да се побара помош. Смоковите, кои најчесто ги има низ градот, се безопасни, велат херпетолозите.

Се препорачува доколку граѓаните видат змија во широк круг да ја заобиколат и да не ја фаќаат. Дворовите да им бидат искосени, шутот да е отстранет. Во природа да се носат соодветни затворени чевли и долги панталони, да се гледа каде се седнува и каде се ставаат рацете. За разлика од смоковите, поскокот има рокче на главата по кој може граѓаните да го распознаваат.

Ова се новите цен во Зоолошката градина во Скопје

За да може да ужива во дружбата со животните во зоолошката во главниот град, едно семејство од четири члена ќе мора да издвои 320 денари.

Билетите поскапеа 30 денари и сега ќе чинат 80 денари а за директорот поскапувањето било неопходно поради трошоците кои ги имала зоолошката со доаѓањето на новите животни.

Според Галетановски поскапувањето е симболично.

Нови цени од летово ќе има и за содржините кои ќе се отворат допрва. За влез во паркот на диносауруси ќе треба да платите плус 50 денари а во мини зоолошката плус 20 денари ако сакате да ги видите бебињата животни.

Отприлика 1000 денари ќе ви требаат за еден ден да го поминете во зоолошката во Скопје.

Избркан од работа вработениот во „Комуналец“ кој фрлаше ѓубре во Вардар

Откако на социјалните мрежи се појави како вработен во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, фрла ѓубре во реката Вардар, раководството на претпријатието реши да го отстрани од работното место.

„По повод видео-материјалот објавен на неколку портали и на социјалните мрежи, каде што е прикажан вработен во ЈП „Комунална хигиена“-Скопје како собраниот отпад го исфрла во реката Вардар, раководството на Претпријатието сака да ја информира јавноста дека беа преземени сите мерки за расчистување на овој случај.

Станува збор за работник ангажиран во Одделението за одржување на јавната чистота, којшто сторил тежок дисциплински прекршок, притоа сериозно нарушувајќи го угледот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.

Од овие причини беше донесена одлука денеска – 10.06.2019г., ова лице да биде отстрането од работното место.

  

Во овој контекст, би сакале да ве известиме дека ниту едно прекршување на работната етика и дисциплина, ниту пак обид за уривање на угледот на Претпријатиетонема да бидат толерирани и против сторителите ќе бидат преземени најстроги казнени мерки“, известуваат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Популарно