ВИДЕО: Цела Кина запре на три минути, а возачите свирејќи им оддадоа почит на починатите

Кина им оддаде почит на жртвите на коронавирусот со три минути молчење, што за момент ја запре целата нација. Властите ја прогласија саботата за ден на жалост, откако повеќе од 3.300 луѓе починаа од КОВИД-19.

Оваа бројка во меѓувреме беше надмината од Италија, Шпанија, САД, Велика Британија и Франција, додека низ цел свет има повеќе од 1,1 милион заразени со коронавирусот.

Во 10 часот по локално време, луѓето низ цела Кина застанаа на три минути, по што се огласија автомобилите, возовите и бродовите, како и сирените за опасност.

Први случаи на коронавирусот беа идентификувани пред Нова година во кинескиот град Вухан и тој оттогаш уби речиси 60.000 луѓе во 181 држава.

Кинеските власти кажаа дека настанот е шанса да им се оддаде почит на „мачениците“ на борбата против коронавирусот, што се однесува на починатите 14 здравствени работници. Меѓу нив е и Ли Венлијанг, лекар од Вухан, кој прв го препознал новиот вирус, но кога се обидел да ги извести своите колеги, добил закани од властите да не шири дезинформации. Кина на 31 декември ја извести Светската здравствена организација за чудни случаи на пневмонија.

Минатиот викенд, Вухан беше делумно отворен по два и пол месеци карантин, додека жариштето на вирусот се пресели во Европа и САД. Во Кина во последните 24 часа имаше само 19 нови случаи на зараза.

Коментари

Популарно