Поради говор на омраза кон Црна Гора: Избришан инстаграм-профилот на Јелена Карлеуша со 2 милиони следбеници

Српската пејачка Јелена Карлеуша (45), која имаше повеќе од два милиони следбеници на Инстаграм, го изгуби профилот на оваа социјална мрежа поради говорот на омраза кон Црногорците и Црна Гора.

Со објава на Икс (поранешен Твитер), нејзиниот менаџер Зоран Бирташевиќ потврди дека профилот на Карлеуша избришан, но дека работат на тоа да го вратат.

„Поради многу пријави на профилот на Јелена Карлеуша, од бот-профили на различни IP адреси, настана привремен проблем, кој моментално го решаваме. Се ќе биде во ред“, напиша Бирташевиќ, но бргу ја избриша објавата по бројните коментари од корисниците на социјалната мрежа, кои тврдат дека не станува збор за ботови, туку за незадоволни луѓе со име и презиме.

„Јас не сум бот, ја пријавив трипати, со име и презиме, од иста IP адреса. Нека си ги реши психичките проблеми и нека продолжи да се занимава со тоа што го правеше и досега – евтина порнографија и обезбедување приход за пластичните хирурзи“, напиша еден корисник, а потоа следеа и други коментари.

Во последните две недели, Јелена Карлеуша постојано имаше изливи на говор на омраза на национална и верска основа кон граѓаните на Црна Гора. Таа го негираше суверенитетот на таа земја, ги навредуваше граѓаните на Црна Гора, ги нарече екстремисти и закана за Србите и Србија, па дури и побара од нејзините следбеници да престанат да летуваат во Црна Гора, пишуваат српските медиуми.

Политиката на Инстаграм јасно наведува дека таргетирањето, говорот на омраза против кое било малцинство, нација, религија, група и слично е забрането. Поради пријави од овој тип, Инстаграм ги брише профилите на своите корисници.

Коментари

Популарно