143 илјади смс пораки стигнаа до родителите

Повеќе од 143 илјади смс пораки, како и известувања на меил адреси се дистрибуирани до родителите за оценките и поведението на нивните деца. Целиот процес се одвива одлично, без никакви проблеми, а се планира и негово надградување.

timthumb

Ресорниот министер апелираше до родителите кои се уште немаат оставено телефонски броеви, а сакаат тоа да го направат, при следната посета на училиштето да дадат точни податочи.

-Констатиравме кај одредена бројка на родители дека има оставено неточен телефонски број. Замолувам внимателно да го наведуваат точниот број за да ги добиваат навремено податоците. Задоволството на родителите е евидентно, информациите кои стигнуваат до нас се многу позитивни. Истовремено информирам дека, родителите кои не навеле на кој јазик сакаат да им стигнува смс известувањето ќе може тоа да го направат, истакна министерот Спиро Ристовски.

Ваквиот начин на известување, според Ристовски, ќе придонесе за навремена информираност за самите родители и правовремена реакција доколку се констатираат определени пропусти во образовниот процес на нивните деца.

Во рамки на министерството отворена е и нова меил адреса, на која секој од родителите ќе може да пријави било каков недостаток во процесот на нивното известување за кој веднаш ќе се интервенира.

Инаку, СМС услугата се активира по желба на родителот кој ги оставил основните податоци кај класниот раководител на паралелката каде што учи неговото дете, а кои се внесуваат во системот на електронскиот дневник. Оние родители кои досега не оставиле контакт телефон, можат да го сторат тоа во кое било време, додека, за родителите кои не сакаат да добиваат СМС пораки како неделен извештај, постои опција истите информации да ги добиваат на нивната електронска пошта.

Коментари

Популарно