Дали е можна отштета на Србија од земјите на НАТО?

Иако по 15 години од бомбардирањето на НАТО, мали се шансите Србија со тужби да оствари надомест на штета за последиците од бомбардирањето, експертите секој во својата област, имаат идеи за решавање на тоа прашање.

05842105_400

Главниот правник во Министерството за надворешни работи на Србија, Родољуб Етински смета дека не постои правна можност Србија да води судски постапки за надомест на штета предизвикана со бомбардирањето во 1999 година, но дека тоа прашање може да се решава на неформален начин, покрај економската и друга поддршка на нашата држава.

- Меѓународната заедница во која живееме не е совршена. Таа е повеќе политичка отколку правна заедница и не постои можност по правен пат да оствариме надомест на штета – рече Етински за Танјуг.

Меѓутоа, како што наведе, државите кои учествуваа во бомбардирањето, без формално признавање на одговорност и обврски на надомест, би можеле да помогнат да се намалат последиците од бомбардирањето низ одредена економска и финансиска поддршка или други форми на ангажирање кои би ја унапредиле економско-социјалната состојба во државата.

- На тој начин зајакнувањето на Србија може да тече побрзо и полесно, а од друга страна, тие држави би задоволиле и некоја своја морална обврска – смета Етински.

Тој потсети дека СРЈ во април 1999 година покрена постапка пред Меѓународниот суд на правдата, орган на ОН, но дека судот се прогласи за ненадлежен бидејќи СРЈ во тоа време не беше членка на ОН.

Според неговите зборови и Европскиот суд за човекови права одлучи на ист начин по тужбите за надомест на штета кои ги поднесоа жртвите од бомбардирањето и нивните сонародници.

Не поминаа успешно ни обидите постапките да се водат пред националните судови на државите кои учествуваа во бомбардирањето, додека постапките пред нашите судови не се можни бидејќи тие држави уживаат судски имунитет, потенцира Етински кој е професор на Факултетот за правни науки во Нови Сад.

Од друга страна неговиот колега од Правниот факултет при Универзитетот во Белград, Бојан Милисављевиќ, смета дека постои шанса Србија да се избори за отштета и тоа со помош на меѓународните организации како во случај на трговијата со органи и злосторствата на ОВК на Косово.

- Правниот пат со кој Србија би можела да се обиде да оствари надомест на штета е примерот како се работеше околу трговијата со органи на Косово и Метохија – преку Советот на Европа и известувачот и нивните извештаи... Сега сме блиску до основање на посебен суд кој треба да ја испитува одговорноста за трговијата со органи на Косово – рече Милисављевиќ за Танјуг.

Преку меѓународните организации на Советот на Европа или Обединетите нации би можеле, како што наведе, да бараме основање на посебна комисија која би го утврдила обемот и висината на штетата од бомбардирањето на НАТО.

Таа комисија треба да ја утврди висината на радијацијата, загаденоста на земјиштето, водата и животната средина и воопшто на направената штета, прецизираше професорот.

Врз основа на тие извештаи од комисијата потоа можеме да бараме поактивно делување на ОН и основање на мешовито судско тело само за тој случај, потенцира Милисављевиќ и додаде дека тоа е реален пат остварлив на подолг рок, во следните 10 години.

Професорот Вишеслав Хаџитановиќ, кардиолог, на идната влада на Србија ќе предочи уште поконкретна идеја за санирање на последиците од НАТО бомбардирањето, а тоа е хуманитарна акција за изградба на специјална болница за малигни болести која би ја финансирале членките на НАТО кои учествуваа во бомбардирањето.

- Знаеме дека во текот на бомбардирањето се користени ураниумски радиоактивни бомби и дека во Србија расте бројот на заболените и починатите од малигни болести, а српското здравство не може да излезе на крај со тој проблем – рече Хаџитановиќ за Танјуг.

Тој се залага за влез на државата во преговори со членките на НАТО да финансираат изградба и опремање на болница, која како што наведе, би била специјализирана за откривање и лечење на малигни болести.

- Да сум јас министер за здравство јас би влегол во преговори со членките на НАТО. На тој начин би се помогнало на пациентите да преживеат и да добијат соодветна здравствена заштита, бидејќи луѓето често или не добиваат или доцна добиваат здравствена заштита – наведе докторот.

Тој изрази оптимизам дека НАТО земјите би биле распожени да учествуваат во таа акција која пред се е хуманитарна.

Како што наведе тој, државата Србија од своја страна може да даде 10 до 30 хектари за изградба на болница, која би била опремена со најмодерна технологија за дијагностика, а во неа би работеле како наши така и експерти од земјите кои учествуваа во бомбардирањето.

- Тоа би била добра меѓународна акција да се санираат последиците од бомбардирањето – наведе Хаџитановиќ кој очекува на неговата инцијатива да се придружат и невладините организации кои се занимаваат со епидемиологија.

Англичаните воодушевени од стадионот во Белград: „Ова ќе биде едно од најдобрите места за играње фудбал“

Србите пред неколку дена и официјално започнаа со изградбата на новиот фудбалски стадион кој се наоѓа во околината на Белград. Сите беа воодушевени од проектот и како ќе изгледа стадионот кога ќе биде готов, а воодушевени се и англичаните кои имаат само пофални зборови.

„Србија го претстави проектот за новиот стадион. Фасцинантно изгледа ова технолошко ремек дело кое ќе биде опкружено со дрвја и зеленило. Србија планира величествен стадион и се насочува кон еколошки пристап и дизајн. Претседателот Александар Вучиќ рече дека ова ќе биде едно од трите најубави места во светот на кои ќе се игра фудбал.“ – се вели во текстот на британскиот „Дејли мејл“.

Изградбата на стадионот ќе чини 257 милиони евра, а ќе има капацитет од 52.000 гледачи. Планирано е изградбата да заврши до крајот на 2026-тата година, а Белград и новиот стадион ќе бидат домаќини на финалето од Лигата на Европа во 2028-мата година.

(Видео) Белград: Годишнина од масовното убиство во „Рибникар“

На денешен ден пред една година настана трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.

На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.

На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.

И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.

„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.

На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.

Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.

Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.

„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.

На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.

Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.

Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.

Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.


Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Популарно