Детето што освои тојота од „Стобиранка“ во солзи: Не ми го продавајте автомобилот!

Прекрасна е колата, со тешко срце ја продаваме, еве и децата плачат и не сакаат да се откажеме од неа, но мораме да го сториме тоа, бидејќи немаме доволно средства за да ја одржуваме, вака во телефонски разговор за ,,Фокус’’, вели Стевче Николовски, татко на десетгодишниот Давид од Прилеп, кој ја доби главната награда од наградната игра ,,Стобиранка’’ на прехрамбената индустрија ,,Витаминка’’, автомобил тојота Ц-ХР хибрид, единствен во земјава.

Семејството кое што пред неколку недели гордо се фотографираше покрај добиениот автомобил, веќе го огласил на интернет страниците за продажба на возила.

,,Живееме во мала куќа во Прилеп, навистина ни е потребно повеќе простор, затоа освен што го нудиме на продажба автомобилот, можна е и замена за стан или помала куќа. Јас работам со ПВЦ, изработувам прозорци и врати, сопругата продава овошје и зеленчук на пазар, навистина не сме во можност да заштедиме за нов дом. Давид, чија што среќа беше овој автомобил, не може да се помири, не престана да плаче откако му кажавме дека мора да ја продадаеме тојотата, но имавме сериозен разговор со него. Се надеваме дека со тек на време ќе сфати дека сме биле во право“, вели таткото на Давид.

Тој раскажува дека, му објасниле на Давид дека поважно е утре да има сопствен кров над глава, наместо да живее под кирија- „сакаме на ова тој да гледа како на нешто позитивно, како на пример да добил стан, наместо автомобил како награда.“

„Инаку, автомобилот е без мана, но искрено, потребни се средства за негово одржување и мораме да се откажеме од него’’, вели Стевче.

Цената која што е истакната на огласот за продажба е 26.500 евра, но тие велат дека има простор за договор и не е фиксна.

Наградната игра ,,Стобиранка’’ почна на 20 септември и траеше до 25 декември. За учество беше потребно да се соберат пет празни ќесички од производите Стоби флипс, Чоко стоби флипс, или Стоби стикс на ,,Витаминка’’ и да се испратат во плик. Имаше три извлекувања, и се доделија голем број вредни награди, а тојотата која ја освои Давид беше најавувана како главна награда во играта. Тој испратил осум коверти со празни ќесички од производите.

Извор - Фокус

Велешанец собирал печурки, во коленото му влегол проектил од огнено оружје

Велешанец при собирање печурки почувствувал убод во левата нога. По лекарски преглед,  од коленото му бил изваден проектил од огнено оружје.

- Во СВР Велес вчера во 11 часот,  63-годишниот Д.Ј.од Велес, пријавил дека при собирање печурки во атарот на село Лисиче, Општина Чашка, почувствувал убод на левата нога, по што во Општа болница Велес му бил извршен преглед и од коленото му бил изваден проектил од огнено оружје, информира денеска Татјана Ѓуровска од СВР Велес.

Таа додаде дека  за настанот бил  известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес и дека  се преземаат мерки за негово расчистување.

Детектор анкета: Секој трет размислува да се исели од Македонија

Секој трет човек во Македонија размислува да се исели од државата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 32,3% од анкетираните рекле дека размислуваат или некогаш размислувале да се иселат од државата додека 63,6% не размислувале на оваа тема.

Иако не се големи разликите, сепак изненадува фактот што за иселување најмногу размислуваат луѓето меѓу 40 и 49 години каде 42,5% рекле дека имале или се уште имаат планови да ја напуштат државата. Слични бројки од 42,2% граѓани кои размислуваат да се иселат има и во возрасната група меѓу 30 и 39 години додека кај најмладите, оние кои имаат под 30 години 37,8% размислувале или размислуваат да се иселат од државата.

Споредбата со анкетите од претходните години кои за Детектор исто така ги спроведуваше ИПИС не покажуваат некои значителни промени во ставовите на граѓаните. Во сите анкети во последните 5 години, процентот на граѓани кои размислувале или размислуваат да се иселат е над 30%.

Сепак, 52,7% од сите анкетирани граѓани рекле дека во наредните 5 години нема шанси да се преселат од Македонија додека сигурни дека ќе си заминат во истиот период се 11,5% од анкетираните. Поредбата со анкетите од претходните години не покажува некои значителни отстапувања.

За иселување граѓаните најчесто се решаваат поради повисоките плати (17,2%), подобрите услови за работа (15,7%) и подобрите можности кои им се нудат на децата (12,2%) како и подобриот здравствен и образовен систем кој го нудат странските земји (11,5%).

Кај младите под 30 години, очекувано повисоките плати (21,7%) и подобрите услови за кариера (20,6%)се главната причина поради која тие си заминуваат или би си заминале од земјава.

Најпосакувана дестинација за преселба се земјите од Европската Унија. 42,7% од граѓаните рекле дека ако решат да се иселат, би се преселиле во некоја од земјите членки на Еврпоската Унија. 6,1% би се селеле во САД или Канада, 4,4% од Австралија или Нов Зеланд а 4,9% би одбрале некој друг дел од светот.

83,1% од анкетираните сметаат дека степенот на иселување во земјава, во споредба со изминатите 5 години се зголемува. Само 6,1% велат дека тој се намалува а 8,7% дека останува ист.

Анализата на етничката структура на граѓаните кои одговарале покажува дека 20% од етничките Албанци сметаат дека процентот на иселување се намалува во споредба со претходните години, став кој го делат само 2% Македонци од кои пак речи си 90% сметаат дека денеска луѓето повеќе се иселуваат што е значително повеќе од оние 65% етнички Албанци кои делат ваков став.

Две третини од граѓани веќе имаат некој близок кој се преселил во странство. Споредбата со анкетите од последните 5 години покажува дека бројот на граѓани кои имаат свои блиски кои се иселиле од Македонија скокнал од 60% лани на 66,6% оваа година.

Во таа насока очекуван е и одговорот на граѓаните дека пред 5 години се живеело подобро од денеска. Ваков став делат 53% од анкетираните. 8,6% велат дека сега живеат подобро од пред 5 години додека 35,7% не чувствуваат никаква промена.

Со исклучок на анкетата во 2019 кога само една третина од граѓаните тврдеа дека пред 5 години живееле подобро, и лани и оваа година над половина од анкетирнаите велат дека животот пред 5 години бил подобар.

Анкетата по нарачка на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1079 испитаници во периодот од 16 до 20 април оваа година.

Првата официјална посета во странство на претседателката Сиљановска Давкова во Ватикан и Рим

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова првата официјална посета во странство ќе ја оствари во Ватикан и во Рим, каде што ќе ја предводи државно црковната делегација за чествувањето на Св. Кирил и Методиј, потврдија за МИА од претседателскиот кабинет.

На 23 мај, според протоколот, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а потоа средба и со генералниот секретар на Ватикан за односи со државите.

Чествувањето на сесловенските просветители ќе се одржи на 24 мај со посета на базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и во базиликата Санта Мариа Маџоре каде венец ќе постават на плочата испишана на македонски јазик.

Во рамки на посетата на Рим, претседателката Сиљановска Давкова ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Сиљановска Давкова, како што велат од нејзиниот кабинет, се уште не е познато дали ќе има средба со претседателот на Бугарија, Румен Радев, чие доаѓање во Рим е исто така најавено по истиот повод.

Популарно