Инцидентот што се случи на ГП „Делчево“ кога делчевец нападна цариничка на своето работно место МВР го квалификува како физичка пресметка, во која настрадале двајца – делчевецот Делчо Гоцев и цариничката.
За штипската телевизија Стар Гоцев ја изнесува својата верзија од настанот. Тој вели дека инцидентот е резултат на повеќегодишна нетрпеливост на дел од вработените на Царина кон него, а кулминирал со физички напад од страна на цариничката.
-Во моментот кога го зедов телефонот, таа ме удри по раката, ми го одвлече телефонот и не очекував дека ќе ме удари. Ме удира еднаш со тупаница, а потоа и со ноктите ме изгреба под очите, од десната страна на лицето. Јас само ја турнав, ја удрив по главата, таа се занесе и падна. Ми рече ќе те затепам, сега ќе одам да извадам лекарско уверение и ќе те судат. Реков оди, а од лицето ми течеше крв, раскажува Делчо Гоцев.
Гоцев ѝ е добро познат на јавноста и полицијата во Делчево, важи за лице со богато криминално досие и блиски конекции со власта.
МВР се обидува да го заташка случајот кој го квалификува како физичка пресметка иако е извршено кривично дело – напад врз службено лице кое е на должност и се здобило со тешки телесни повреди. Очевидците негораат дека цариничката го нападнала Гоцев. Случајот го истражува и царинската управа.
Секторот за професионална одговорност при Царинска управа во рамки на своите надлежности го испитува случајот. Во врска со ова, Царинската управа ќе излезе со официјален став по завршувањето на истрагата и по добивање на сите потребни податоци. – велат од Царинската управа.