(ФОТО) Поп-пејачката Симона Попоска се омажи во уникатна венчаница: Два месеца ги везевме украсите и деталите од мониста и бисери

Шест месеци се договарала, а три месеци во модното студио на Златко Јовановски рачно се везела уникатната венчаница на поп-пејачката Симона Попоска, која изминатиот викенд направи свадба со својот избраник, бизнисменот Крис Сињори во Струга. Двојката склучи граѓански брак минатата година во септември, а сега направија само прослава во ресторан. Еден од сведоците, односно старосват на пејачката и беше мејкап-артистот Бобан Тодоровски кој, пак, бил задолжен и за нејзиниот изглед.

- Да се дизајнира за Симона беше голем предизвик затоа што ние многу пати сме соработувале заедно за низа големи проекти, настапи и фотосесии, па од една страна е полесно бидејќи кога дизајнирате за некој кој го познавате лично и приватно е полесно, но од друга страна беше за мене и притисок бидејќи сега од мене односно од нас се очекуваше најмногу! Но сега кога ги гледам сликите, ја постигнавме целта, раскажува Јовановски, кој е препознатлив по сексапилните и луксузни венчаници во земјава и регионот

Признава дека идејата да бидат два фустана во еден била на Симона и морал да ја испочитува како таква - што и му се допаднало. Деталите, украсите, сјајот, раскошот биле оставени на него.

- Колку време?! Мххм - Многу! Искрено, ние зборуваме уште пред Нова година околу венчаницата, но официјално почнавме да ја изработуваме пред три месеци. Тогаш и стигнаа специјално нарачаните материјали од странство. Фустаните како крој би излажал ако кажам дека долго ги правевме, но од друга страна, пак, оставивме околу два месеца за везењето на украсите и деталите. Морам да додадам дека сите тантели беа рачно аплицирани, ниту еден орнамент на венчаницата не е случајно таму - вели Златко.

Како основа користеле мат сатен со текстура, што и бил единствен материјал кој е сошиен на машина, сѐ другото било рачно везено.

- Јас и мојот тим мислевме дека нема да има крај рачната работа бидејќи широката венчаница имаше шлеп долг 3,5 м, на неа беа везени краевите во кордонска бурдура, а на задниот дел два вида тантела со провидни мониста. На фустанот сирена крој, пак, беа везени тантели со стаклени мониста и шлепот беше во форма на детелина. На него имаше 12 м бурдура која рачно ја полневме со 4 вида мониста. Од професионален агол, вкупно искористивме 6 метри еден вид  тантела, 3 метри друга тантела. 11 метри тантела без флорални орнаменти, 4 метри висока бурдура со стакла, 12 м бурдура која ние ја полневме со мониста и бисери и 14 м тантела од свилен конец за велот. Дури зад и копчињата беа природни бисери. И уште многу помошни материјали за комплетирање на моделот -објаснува Јовановски.

Вели дека било задоволство да се соработува со една дама со стил и притоа згодна и убава.

- Каква венчаница да облечеше ќе беше прекрасна, но затоа што Симона носеше ЈЗЈ - блескаше. Како гостин на свадбата тврдам дека беше прекрасна ноќ што ќе се памети, а на младите им посакувам сѐ што сакаат да им се исполни. Цената? Ајде не е фер да ја рушиме оваа магија со бројки и цифри. Најбитно е дека изгледаше како милион долари - вели дизајнерот Златко.

Лејла Сабит

(Видео) Тамара Грујеска заврши на 12-тото место на детската евровизија

Македонската претставничка на детската евровизија, Тамара Грујеска, во Ница, Франција, се пласира на 12-тото место.

Франција втортпат по ред победи на музичкото натпреварување, овој пат со Зое Клозир и песната Coeur („Срце“).

Шпанија заврши на второто место, а Ерменија на третото.

(Видео) Последната песна на „Битлси“ излегува во ноември

Цели 53 години по расформирањето, славниот британски бенд „Битлси“ се враќа во ноември со песна снимена со помош на вештачка интелигенција, која го извлече вокалот на Џон Ленон од стара снимка и на тој начин практично повторно ја обедини легендарната четворка.

Употребата на вештачка интелигенција овозможи миксирање песна преземена од демо-снимка на Џон Ленон. Во оригиналното демо беа додадени снимките на електрична и акустична гитара од Џорџ Харисон од 1995 година, пред неговата смрт во 2001 година. Песната беше завршена минатата година во студио во Лос Анџелес со мешање на тапаните на Ринго Стар, пијаното и басот на Пол Макартни.

Двајцата преживеани членови на бендот, Пол Макартни и Ринго Стар, во четвртокот најавија дека новата нумера Now and Then („Сега и тогаш“) ќе биде објавена на 2 ноември.

Песната е создадена врз основа на демо-снимка што Ленон ја направил во својот стан во Њујорк. Четиринаесет години по убиството на Ленон (1980), неговата сопруга Јоко Оно им подари на другите членови на бендот снимка на вокал и пијано.

Подоцна тие ја обработија, но никогаш не можеа да ја објават бидејќи досегашната технологија не дозволуваше гласот на Џон Ленон да се истакне со задоволителен квалитет. Ова сега е возможно, а беше поттикнато од документарната серија Get Back во режија на Питер Џексон (2021).

Режисерот на трилогијата „Господарот на прстените“ користел нова технологија за да го извлече гласот на Ленон од аудиолентата и да го одвои од пијаното.

Прогласени најдобрите албуми во историјата на жанрот

Оваа година се навршуваат 50 години од создавањето на хип-хопот, а популарниот музички портал Consequence of Sound по овој повод ги објави 50-те најдобри хип-хоп албуми на сите времиња.

На врвот на листата се најде современиот класик To Pimp a Butterfly на Кендрик Ламар.

„Кендрик Ламар брзо се етаблира како еден од најважните гласови на својата генерација, со неговиот трет студиски албум To Pimp a Butterfly на кој се наоѓа црнечка протестна песна која ги дефинира последниве години – тоа е песната Alright,“ наведено е во објаснувањето за изборот.

„Излегувајќи непосредно пред почетокот на хаотичната кандидатура на Трамп, има моќ да донесе пофалби за доброто што се случува во животoт на црнците, како и незадоволство од системите кои секојдневно ги изневеруваат. Среде демонстрациите кои бараа одговори за Сандра Бланд, Филандо Кастил и разни други полициски убиства, Аllright беше спасот што нè однесе низ тешките времиња – но тоа не ја дискредитира силата на остатокот од албумот,“ го објаснуваат изборот и додаваат: „Секоја генерација има право на свој најголем хип-хоп албум, а овој е наш“.

На второ место се најде легендарниот албум The Miseducation of Lauryn Hill на пејачката Лорин Хил, а потоа следува It Takes a Nation of Millions to Hold Us Back на пионерите на овој жанр, бендот „Паблик енеми“.

Во првите 10 се Supa Dupa Fly на раперката Миси Елиот, класикот Enter the Wu-Tang (36 Chambers) на бендот „Ву-танг клан“, Stankonia на бендот „Ауткест“, Reasonable Doubt на раперот Џеј Зи, The Low End Theory од A Tribe на бендот „Трајб колд квест“, „2001“ на Др. Дреј и My Beautiful Dark Twisted Fantasy на Канје Вест

Популарно