ФОТО: Филмот „Врба“ на Манчевски се снима на локации низ Скопје

Вчеравечер, во центарот на Скопје се снимаше една од најефектните филмски сцени за најновиот долгометражен игран филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на Банана филм.

Филмскиот сет беше отворен за македонските медиуми, кои можеа да посведочат на работната и беспрекорно креативна атмосфера во која беа вклучени поголемиот дел од актерите, кои играат во филмот. 

Во Скопје синоќа падна пороен дожд, вештачки произведен за филмската сцена која се снимаше и во која актерот Петар Мирчевски во улогата на Ставре „доживува сообраќајна несреќа“, по која беше однесен со амбулантно возило во болница. 

На сетот покрај режисерот и неговиот посветен тим зад камерите, беа присутни младите актери Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Тино Костадиновски... и секако актерскиот ветеран Петар Мирчевски, кој игра и во претходните четири играни филмови на Манчевски снимени во Македонија. Ова е негова петта соработка со најтрофејниот македонски режисер по кој повод изјави: 

„Ова ми е петти филм со Милчо Манчевски. Играв во „Пред дождот“, „Прашина, „Мајки“ и во „Сенки“. Ние сме практично како режисерското – актерско дуо Скорсезе и Де Ниро. Ако не му е срам во следните негови филмови нека не играм“, шеговито изјави Петар Мирчевски. 

Синоќа, македонските медиуми имаа шанса да погледнат филмски сет на кој се работеше во беспрекорна тишина, посветеност, врвна професионалност и синхронизираност, својствено како и за сите досегашни филмови на Манчевски. 

Врба е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Испреплетени приказни за љубов и доверба – од македонското средновековие и од македонската сегашност - се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа. 

Во Скопје деновиве се снима современиот, урбан дел од филмот, откако заврши снимањето на делот од 17 век. Режисерот Манчевски на паузата од сетот за медиумите изјави дека штотуку се вратил од 17 век каде што, рече, си поминал многу убаво со ликовите Донка и Милан. 

На прашањето зошто избрал љубовна приказна, одговори дека тоа е приказна која посакала да биде раскажана и дека често приказните сами го избираат него, а не тој нив. 

„Никогаш не постои ниту само историски, ниту само љубовен или само политички филм. Ако е добар филмот или ако е добар романот, тогаш тие се секогаш повеќе работи во исто време. Секогаш се покомплексни и раскажуваат за различни работи во исто време. Врба е филм, кој долго време го чував во себе, а почна да се дефинира пред 4 години, приказните беа подготвени да се филмуваат мината година, и еве годинава веќе ги снимаме, за догодина филмот да биде подготвен да се прикажува во кино“, изјави Манчевски. 

Актерката Наталија Теодосиева, која го игра ликот на Родна во филмот изјави: 

„Родна е лик од современата приказна во филмот, дејствието се случува во Скопје, овде и сега. Таа потекнува од типично македонско семејство, се вљубува во еден искрен, срамежлив и голем човек и со него планира семејство. Сепак се појавуваат проблеми, врзани со желбата за дете и понатамошната борба за потомство...“ 

Инаку, шестиот по ред долгометражен игран филм „Врба“ на Манчевски започна да се снима на 25 октомври во близина на прилепското село Крушевица. Во првите неколку недели филмот се снимаше во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец и во Преспанскиот Регион. 

По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија. 

Главните улоги во филмот ги играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други. 

Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош (Támas Dobos), дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс (David Munns), за костимите се задолжени Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач (Györgui Szakács) од Унгарија, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел (Nik Powell) од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс“ заедно со Ричард Брансон. 

Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско - унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија. 

Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември. 

Вечерва се доделуваат Оскарите, еве кој има најмногу номинации

Вечерва Американската академија за филмски уметности и науки ќе ги додели Оскарите на 96-тата церемонија што ќе се одржи во театарот Долби во Лос Анџелес.

За време на Оскаровската вечер на сцената ќе се појават голем број познати влијателни имиња од светот на филмот, а меѓу нив овој март ќе бидат Брендан Фрејзер, Мишел Јео, Ке Хуи Кван и Џејми Ли Кертис.

Најавени ко-домаќини се Махершала Али, Николас Кејџ, Метју Меконахи, Лупита Нионго, Ал Пачино, Мишел Фајфер, Сем Роквел, Зендаја, Крис Хемсворт, Двејн Џонсон, Мајкл Китон, Реџина Кинг, Џенифер Лоренс, Кејт Ри Моренон , Џон Мулејни, Кетрин О’Хара, Октавија Спенсер, Реми Јусеф, Емили Блант, Синтија Ериво, Америка Ферера, Сали Филд, Рајан Гослинг, Аријана Гранде, Бен Кингсли, Мелиса Мекарти, Иса Реј, Тим Робинс, Стивен Спилрон, Форест Витакер…

Најголем број номинации:

„Опенхајмер“ – 13 номинации

„Сиромашни работи“ – 11 номинации

„Убијци на цветната месечина“ – 10 номинации

“Барби” – осум номинации

Номинации за најдобар филм:

„Американска фикција“

„Анатомија на еден пад“

“Барби”

„Додржувачите“

„Убијци на цветната месечина“

„Маестро“

„Опенхајмер“

„Минатите животи“

„Сиромашните работи“

„Зона на интерес“

Номинации за најдобар режисер:

Џастин Трит – „Анатомија на падот“

Мартин Скорсезе – „Убијци на цветната месечина“

Кристофер Нолан – „Опенхајмер“

Јоргос Лантимос – „Сиромашните работи“

Џонатан Глејзер – „Зона на интерес“

Номинации за најдобар актер:

Бредли Купер

Колман Доминго

Пол Џамати

Килијан Марфи

Џефри Рајт

Номинации за најдобра актерка:

Анет Бенинг

Лили Гладстон

Сандра Илер

Кери Малиган

Ема Стоун

Номинации за најдобра споредна машка улога:

Стерлинг К. Браун

Роберт де Ниро

Роберт Дауни Џуниор

Рајан Гослинг

Марк Руфало

Номинации за најдобра споредна женска улога:

Емили Блант

Даниел Брукс

Америка Ферера

Џоди Фостер (Џоди)

Да’Вајн Џој Рендолф

Номинации за најдобар странски филм:

„Друштво на снегот“ – Шпанија

„Зона на интерес“ – Велика Британија

„Салон на наставниците“ – Германија

„Јо Капитано“ – Италија

„Совршени денови“ – Јапонија

Џенифер Гарнер во нова семејна комедија

Џенифер Гарнер и Ед Хелмс глумат во новата божиќна комедија „Family Switch“. Филмот пристигнува на 30 ноември, а официјалниот трејлер објавен на Јутјуб има речиси три милиони прегледи.

Приказната е заснована на детската книга „Време за спиење за мама“ (Bedtime for Mommy) од Ејми Круз Розентал, од 2010 година. Се раскажува за семејството Вокер каде што се случува хаос неколку дена пред Божиќ, кога „ретка вселенска појава“ ги заменува душите во телата на родителите и децата - тинејџери, а во куќата има и куче...

Филмот е режиран од Џозеф Мекгинти Никол, попознат како „Мекги“, според сценарио на Адам Штикирлс и Викторија Строус. Во филмот играат и Ема Мајерс, Брејди Ноун, Матијас Швејфер и Рита Морено.

(Видео) Објавен трејлерот за филмот за Џеј Рамадановски

Објавен е првиот трејлер за филмот „Недела“ кој ја следи животната приказна на легендарниот изведувач на народна музика Џеј Рамадановски, кој почина на 6 декември 2020 година од срцев удар.

Инспириран од вистински настани, филмот ја раскажува приказната за Џеј од неговата најрана младост до големиот успех што го постигнал.

Иако немал лесно детство, кое во најголем дел го поминал на улица или во поправен дом, Џеј успеал да го заземе своето место на музичката сцена и преку своите песни да стане дел од животот на многумина.

Откако на крајот на 2021 година беше најавено дека ќе се снима филм за легендата на народната музика, српските медиуми објавија дека главната улога ќе ја има Хусеин Алијевиќ од поранешната група „Бит стрит“.

Популарно