Нинџа: Ми рекоа да завршам средно и ќе ме вработат во УБК

Во текот на 2015 година, околу јануари, февруари, во екот на политичката криза во Македонија, кога Заев почна да ги објавува бомбите, бев ангажиран од Горан Грујевски да му бидам очи и уши на Никола Бошкоски, односно да собирам информации од таргети што ќе ги даде лично тој и да го известам лично него. Тие информации беа од поголем карактер, односно од значење за зачувување на уставниот поредок и уфрлување обични граѓани во службата, рече обвинетиот Александар Василевски-Нинџа на денешното рочиште за крвавиот четврток.

„За да ме вработат во УБК, ми кажаа дека мора да завршам 4 години средно училиште, имав 3. За потребите на службата ми беше издадена значка со број 637, ми дадоа огнено оружје ‘магнум 38 специјал агент’ и радиостаница со 16 активни канали, се слушаа сите 8 СВР на Македонија“, рече Нинџа.

„Како една од првите задачи ми беше дадена насока да се приближам до еден мој близок роднина, Влатко Пановски, бидејќи службата имала информации дека соработува со српските разузнавачки служби. Јас тоа го сторив, службата беше информирана за неговите активности“, рече обвинетиот.

Кога почнаа обвиненијата од СЈО, додаде Нинџа, Никола Бошкоски ми рече да се дружам повеќе со него, беше во депресивна состојба. Според зборовите на Нинџа, Бошкоски и тој тогаш интензивно почнале да соработуваат и со Владимир Атанасовски, поранешниот директор на УБК.

Почна увидот за пожарот во Универзална сала

Откако локацијата e обезбедена и се создадени неопходни услови, увидни екипи со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска го започнаа увидот на објектот на Универзалната сала каде вчера изби пожар.

Локацијата ќе биде детално прегледана за да се обезбедат сите докази неопходни за утврдување на причините за настанување на пожарот. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај.

Во текот на вчерашниот ден, во рамките на своите надлежности, Државниот инспекторат за труд изврши контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на објектот и изготви записник.

Бидејќи се уште трае фазата на прибирање докази, односно до овој момент не е утврдено дека пожарот настанал како последица на човечки фактор, вчера во полициска станица беа земени изјави од три задржани лица, по што тие беа пуштени со оглед на тоа што во оваа фаза нема основ за нивно натамошно задржување.

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Со лажен сертификат за англиски јазик аплицирала за директорка и добила работа, сега ќе одговара кривично

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) на 25.04.2024 до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против М.В.(44), од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 ст.1 од Кривичниот законик.

Како што соопштува МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца - детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р Бугарија.

- Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата, соопшти МВР.

Популарно