Ромите нема да бидат манипулирани, уплашени и ќе гласаат слободно по своја волја

Вие сте нов политичар на македонската политичка сцена. Може ли да се претставите?

Доаѓам од среднокласно работничко семејство, каде од мали нозе не учеа, мене и брат ми, дека во животот ништо не е невозможно. Доколку работиш со многу труд и волја може да се постигне се и дека клучот кон успехот ќе дојде само ако инвестираме во нашето образование за подобар личен развој и прогрес во животот за наше идно вработување. Дипломирав на ЈИЕУ во Тетово, на Факултетот за јавна администрација и политички науки. Се стекнав со многу знаења и вештини преку учество во неколку проекти финансирани од Европската Унија и Ромскиот Образовен Фонд во Будимпешта за подобрување на животниот, образовниот и економскиот стандард на Ромите во Северна Македонија. Работев во Управата за наменско производство на вооружување и воена опрема ВВО за вооружените сили при Министерството за економија како в.д. директор со 4 годишен ма дат. Последните неколку години активно работам во call center на германски јазик како специјалист за корисничка поддршка на Deutsche Telekom.

Вашата политичка партија Аваја, во име на своите гласачи, Ви ја даде довербата да бидете иден претставник во македонското собрание. Која е вашата политичка програма што ја ветувате на гласачите во вашата изборна единица?

Доколку ја добијам поддршката од гласачите во 6-тата изборна единица верувам дека ќе започнеме нова ера и надеж за сите помали заедници во Собранието. Како пратеник ќе се трудам максимално да ја оправдам довербата дадена од народот за да се слушне и гласот на Ромите за нивните секојдневни проблеми и недостиг на кадри во соодветните служби, бидејќи тие треба да работат за граѓаните, не за партискиот интерес. Аваја ветува прогрес и напредок на сите граѓани за членство во ЕУ. Нашата програма се стреми кон охрабрување на сите млади да учествуваат во политичките процеси при креирање нови политики на национално и локално ниво во интерес на народот. Ќе промовираме подобри услови за образование на нашите деца со подобра наставна програма и стручни кадри. Нашата програма ветува достоинство на Ромите и враќање на довербата при избирање на пратениците. Нуди можност да бидат активни во делот на бизнис сферата со поттикнување на претприемачите да креираат нови идеи и работи за младите во Македонија.

Какви се реакциите на јавноста во однос на вашите ветувања? Задоволни ли сте од досегашниот тек на кампањата, која завршува за неколку дена?

Отсекогаш велев остави делата да покажат дали Аваја ќе биде новата и идна опција на сите Роми. Аваја за кратко време успеа да се оформи, регистрира и појави на македонската политичка сцена. Секој почеток е тежок и тоа добро го знаеме. Уште сега ги планираме следните чекори, план и програма за локалните самоуправи, односно локалните избори. Време е да се има Роми советници во општините од каде што доаѓаат. Како што Италијанците знаат да направат добра пица, Германците одлични возила, доста беше неромите да креираат политики и буџет кој не се во интерес на помалите заедници. Лека полека се буди нашиот народ. Верувам дека сме брзо растечка млада партија полна со енергија, амбиција и желба за дебатирање и докажување на правата загарантирани со Устав и законите во Северна Македонија.

Постојат ли притисоци врз гласачите и врз вас. На кој начин се справувате и соочувате со нив?

Ние знаеме дека од неромите и поголемите политички партии поткупуваат гласови со пари на сиромашните граѓани. Но, како што велеше мојот покоен татко,  на се му доаѓа крајот. Така ќе дојде време кога Ромите нема да бидат манипулирани, уплашени и слободно ќе гласаат по своја волја. Аваја остро го осудува секое дело на поткуп на глас и јавно го осудува тој криминален начин на доаѓање на власт.

Како ќе ја претставувате вашата заедница во Собранието и за што ќе се залагате? Набројте три работи кои ќе ги реализирате за гласачите во вашата изборна единица?

Со огромна почит кон покојниот Фаик Абди, еден од првите визионери и борци за нашите права. Верувам дека ќе бидат голем борец за правата на Ромите и помалите заедници. Нема да поддржувам политики и закони спротивни на нашите стратешки цели, план и програми. Ќе се залагам да се дадат еднакви можности за вработување и образование на Ромите и секако, санкционирање на говорот на омраза, владеење на правото, слободата на медиумите и конечно, да се случат демократски европски избори, без директна или индиректна дискриминација или корупција кон помалите заедници. Да се доведе до минимум доколку сакаме да бидеме земја членка на ЕУ. Набројав повеќе од три, но тоа секако е само за доброто на Македонија.

ДИК потврди - Во среда ќе се прегласува на 7 избирачки места

Државната изборна комсија го поништи гласањето на 7 избирачки места. Ќе се се прегласува на 6 избирачки места во петтата изборна единициа и тоа на две избирачки места во Долнени, две во Крушево, едно во Струга и едно во Охрид.

Ќе се прегласува и на едно избирачко место во шестата изборна единица во општина Желино.

На сите овие избирачки места ДИК денеска ги разреши претседателите, замениците и членовите на избирачките одбори. Новото гласање ќе се организира во среда на 22 мај.

Седницата на ДИК следи откако вчера Управниот суд ги одби сите тужби поднесени од Европскиот фронт и ги потврди претходните решенија на комисија која утврди низа нерегуларности на сите 7 избирачки места. Ова според членовите на ДИК е доказ дека целиот процес е спроведен законски и покрај тоа што изминатиот период добиваа јавни навреди и закани за тужби токму од политички структури на Европскиот фронт. На денешната седница на ДИК не присустуваше единствено потпретседателката Шеху која доаѓа од редовите на ДУИ.

Прегласувањето во среда може да донесе и промени на освоените мандати. На пратеник повеќе во петтата изборна едница може да се надеваат од ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП, а во шестата изборна единица еден мандат повеќе може да добие Коалицијата ВРЕДИ.

ДИК ги соопштува освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав

Државната изборна комисија денеска, на 105. седница која е во тек, ги објавува конечните резултати за распределба на мандатите за пратеници по изборни едници согласно освоените гласови на парламентарните избори од 8 мај 2024 година.

Како што информира претседателот на ДИК Александар Даштевски, според усвоениот дневен ред, на седницата ќе се расправа и по предлог-решенијата за повторување на гласањето во ИЕ 5 на 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачко место 2101 во Општина Желино. 

ДИК треба да ги разгледа и предлог-решениеја за разрешување претседател, членови и нивни заменици на избирачки одбори во избирачки места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1190 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.

Кривична и истрага против вработена во СВР Скопје, посредувала за добивање социјални станови

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција поднесе кривична пријава против И.М. (41) од село Буковиќ, општина Сарај, аналитичар во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела измама по член  247 од Кривичниот законик, а Основното јавно обвинителство  Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка.

Како што информира МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција постапувал по пријава од три оштетени лица и на 17.05.2024 И.М. била фатена во моментот на примање 12 500 евра, претходно криминалистички обработени, кои и биле давани за наводно посредување за добивање социјални станови од Б категорија.

Во врска со делото, извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената, при што се пронајдени сомнителна документација поврзана со кривичното дело, документи за кои постои сомнение дека се фалсификувани, договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

Исто така, при претрес во нејзиниот дом во село Буковиќ, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени огнено оружје и муниција. 

Лицето е изведено пред судија на претходна постапка, кој определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и забрана за напуштање на град Скопје. 

Според Обвинителството, од април 2023 година, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови. На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12 000 евра за стан и 3 000 евра за посредување и изготвување документација. Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12 500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.

За случајот утрово, преку својот фејсбук профил, информираше и техничкиот министер Панче Тошковски. 

Популарно