По Штербик и Гонзалес, и Абуутовиќ го напушта РК Вардар

Македонскиот ракометен шампион и европски првак Вардар дефинитивно останува без главниот дефанзивец Илија Абутовиќ на крајот од сезоната. Левиот бек во следните две сезони ќе го носи дресот на германскиот шампион Рајн Некар Левен и ќе му биде соиграч на македонскиот репрезентативец Филип Талески. Преговорите се веќе завршени, преддоговорот е потпишан и сега ќе се чека бундеслигашот да го плати обесштетувањето на Вардар за трансферот да биде официјализиран.

„Лавовите“ и ланската сезона беа заинтересирани за услугите на српскиот репрезентативец, но тогаш тој одлучи да му остане верен на Вардар и го продолжи договорот на уште три години, ама ќе одработи само една.

Абутовиќ е дел од играчите кои имаат најдолг стаж во вардаровиот дрес, од 2011 година, кој, како играч, растеше заедно со успесите на клубот. Покрај шампионските и куп-титулите во македонското првенство, големиот борец може да се пофали и дека бил дел од клупската историја освојувајќи три шампионски титули во СЕХА-лигата, како и најсјајната титула во Лигата на шампионите, ланската сезона во Келн.

Со ова станува јасно дека „црвено-црните“ остануваат без уште една од клучните алки во тимот, откако претходно се обелодени дека голманот Арпад Штербик на крајот од сезонава заминува во Веспрем, а екипата официјално ја напушта и тренерот Раул Гонзалез, кој ќе седне на клупата на ПСЖ.

Коментари

Популарно