Се повлекуваат од употреба и ампулите „Улкодин“- содржат супстанца што предизвикува рак

Се повлекуваат од употреба и ампулите „Улкодин “кои се користат за лекување на чир во желудник или дванаестпалачно црево, како и зголемена киселина во желудник, но и при крварење од чир на желудникот. Ваква информација, усно пренесена од  веледрогериите добиле некои матични лекари кои тврдат дека веднаш по ова ги фрлите кутиите со ампули.

Лекарите тврдат не добиле објаснување за што се забранува употребата на лекот, но најверојатно причината е поради тоа што содржат Ранитидин, кој беше повлечен од употреба на почеток на октомври заради сомнеж дека активната супстанца содржи   „н-нитрозодиметиламин (НДМА)“, која е канцерогена и може да предизвика рак.

Во Здружението на приватни лекари велат дека се загрижени како професионалци поради честото повекување на одредени лекови, така што веќе не знаат со што да лекуваат.

„Ова е многу несериозно, ние како лекари треба да добиеме образложение зошто се повлекуваат одредени лекови, како сега со ампулите Улкодин. Што да даваме кога ќе ни дојде пациент со крварење во желудник и кој ќе одговара што досега сме ги препишувале овие лекови, а се вели дека предизвикуваат рак“, изјави за НОВА, Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Таа смета дека Агенцијата за лекови(МАЛМЕД) треба посериозно да си ја сфати улогата и да им даде објаснување на лекарите за секој лек кој се повлекува од употреба или е ризичен и треба внимателно да се препишува.

Од друга страна во МАЛМЕД велат дека информацијата е објавена на нивната веб страна, како дополнување на информацијата при повлекување на лекот Ранитидин. Таму стои дека Европската агенција за лекови(ЕМА) започнува ревизија на лекови кои содржат Ранитидин откако е детектиран н-нитрозодиметиламин (НДМА). Дополнувањето на известувањето е објавено на 15.10.2019 вели директорката на МАЛМЕД, Висара Риза.

„Повлекувањето го врши носителот на одобрение и истиот ги известува здравствените работници. Дополнително МАЛМЕД истиот ден со писмо ги извести ФЗОМ и Министерство за здравство. Исто така, преку  сервисот “Мој Термин“ ги известивме сите јавни здравствени установи кои се евидентирани, тоа се сите болници, клиники и здравствени домови“, изјави Висара Риза, директорка на МАЛМЕД.

Во известувањето на МАЛМЕД стои дека се повлекуваат : Ранитал од 150 мг на Лек Љубљана, од производителот Хемофарм се повлекуваат шумливи таблети Ранитидин од 75 мг и  2 мл раствор за инјектирање или инфузија и Улкодин од 150 мг, како и раствор за инјектирање од 2 мл на Алкалоид АД.

Коментари

Популарно