(Видео) „Во гробот наместо нашето дете, пронајдовме само шише Кока Кола“

„Се јавувам од Клинички центар да ве известам дека вашето дете почина утрово“, ова е веста што ја добил Милош Купрешанин на 08.09.2018 година додека бил на пат кон Универзитетската болница во Бања Лука (Република Српска), со намера на сопругата Александра, која штотуку се породила, да ѝ однесе лекови.

Александра во осмиот месец од бременоста родила девојче по име Сара, за кое лекарите и медицинските сестри рекле дека плачела и дека е жива. Два дена потоа им било кажано дека бебето починало, објави Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН) во документарниот филм „Каде е Сара“.

Девојчето, како што тврдат родителите во филмот, наводно го погребуваат без да побараат нивна согласност. Оттогаш Милош и Александра трагаат по нејзините посмртни останки, за кои рекоа дека не се пронајдени на местото каде што се вели дека било закопано бебето.

Приказната започнува кога Александра во 7-ми месец од бременоста оди на редовен преглед кај својот гинеколог, кој открива дека има вишок плодова вода. Тој ја упатува во УКЦ РС за да направи стручен ултразвук. Докторката тогаш, тврди Александра, и кажува дека мора итно да оди во Белград бидејќи „нивните лекари нема да го сторат тоа“, без да објасни што мисли, се вели во документарецот на ЦИН.

– Во текот на ноќта ме будат и повторно прават ЦТГ. За на 6 септември да кажат дека сум имала контракции и под итно да одам на царски рез, како предвремено породување. Кога заврши, не го слушнав плачењето на детето. Ја видов само акушерката како излегува од вратата со дете во раце. Друг дел од тимот ја шие раната и се појавува лекар и вели: Александра, честитки, родивте девојче. Тежи 1,9 килограми и долга 45 сантиметри. Заплака и диши. Ја ставивме во инкубатор, се е во ред – ѝ изјави Александра на екипата на Центарот за истражувачко новинарство, во потресниот документарен филм „Каде е Сара“.

Дека Сара е родена жива, лекарите и медицинските сестри го известиле нејзиниот татко, како и родителите на Александра кои чекале во ходникот. Драго Благојевиќ, таткото на Александра, подоцна успеал да го види девојчето.

„Таа беше темна како Александра“

– Имаше три сантиметри коса. Со темна кожа како Александра – се присетува тој.

Но, лекарот веќе на 7 септември ги известил родителите, како што тврдат, дека настанале „одредени компликации“ и дека детето треба да биде испратено во Белград, бидејќи на Сара и недостасува дел од дигестивниот тракт….

Подоцна, на родителите во УКЦ им било кажано дека Сара на 11 септември била однесена и погребана на Новите гробишта во Бања Лука.

Во гробот нашле само шише Кока-Кола

– Мртви ладни одзеле нечија своина, тоа било дете, и го закопале како непознато лице – шокантно е сознанието до кое дошол таткото.

А потоа следи нов страшен заплет. На Новите гробишта им рекле дека нивното бебе не е таму, туку на Побрѓе во Бања Лука. Тие побарале и добиле дозвола за ексхумација. Во гробот каде што наводно била погребана малата Сара, како што тврдат родителите, пронашле само празно пластично шише Кока-Кола и медицинска ракавица! Потоа го ископале и гробот до него, но остатоците од ДНК не биле на Сара. Потоа следело пријавување во полиција, а потоа и во обвинителството кое не сметало дека е потребно да покрене истрага.

Мајката на Сара, Александра Благојевиќ и таткото, Милош Купрешанин, со години неуспешно го бараат гробот на своето дете, а последната година во потрагата им се придружија и новинари од Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН).

Камерите ја следеа борбата на Александра и Милош со пречките на системот, но ниту со новинарска поддршка не успеаја да ги отворат сите затворени врати на фирми, установи и институции кои беа поврзани со нивната трагедија. Генералниот директор на УКЦ Владо Ѓајиќ одби да разговара со новинарите на ЦИН на оваа тема.

Коментари

Популарно