РЕЦИПРОТИТЕТ: Барање за двојазичност во Албанија - Македонскиот да биде официјален јазик

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) на 62-от Конгрес што се одржува во Клуж-Напока во Романија едногласно усвои Резолуција за правата на Македонците во Република Албанија, предложена од македонското друштво „Илинден“ од Тирана.

- Нашето друштво, како официјален член на ФУЕН, го искористи правото да ја достави Резолуцијата до конгресот што се одржува во Клуж-Напока, Република Романија. За неа гласаа сите 300 делегати- претставници на 50 асоцијации на повеќе од триесет малцинства од исто толку земји во Европа, изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и учесник на конгресот.

Според него, ваков документ ФУЕН изгласува по вторпат. Првпат тоа било на Конгресот одржан во мај минатата година во Вроцлав, Полска.

Резолуцијата содржи седум точки со кои се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба на Советот на Европа „за регионални и малцински јазици”, да се признае македонското национално малцинство во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Република Албанија, државната телевизија (ТВШ) да емитува програма на македонски јазик, како и да се учи на мајчин македонски јазик во државните школи во областа на Голо Брдо, Гора и на оние места каде живее значителен број припадници на македонската етничка заедница.

Во Резолуцијата се бара да се преиспита и административната поделба спроведена 2015 година, која според македонското малцинство во Република Албанија е чекор назад во почитувањето на правата на македонското малцинство во Голо Брдо и Гора. Се предлага и во сите општини каде живеат повеќе од 20 отсто Македонци, покрај албанскиот, официјален да биде и македонски јазик и да се обезбеди финансиска поддршка од Министерството за култура на Албанија за културни и од Министерството за образование и спорт за задоволување на образовните потреби на македонското национално малцинство.

ФУЕН оваа Резолуција ќе ја достави до Владата на Република Албанија и меѓународните институции.

Македонското друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од мај 2015 година и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава, кое е рамноправен член со право на глас.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно