Откако со чекан го нападна цело семејство на ФБ напишал дека ги убил ,,своите монструми“

Јавно обвинителство објави детали од монструозното убиство и напад со чекан во куќа во Велес од страна на 46 годишниот велешанец Спасе Вељанов, кој  синоќа околу 2 часот по полноќ , влезе кај соседите и ги нападна.

,,Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес изврши увид на лице место во семејна куќа, во која што утрово околу 02:00 часот е извршено кривично дело убиство.

Настанот се случил кога 46-годишниот С.В. со тврд предмет, најверојатно чекан, ја скршил влезната врата на неговите соседи, влегол во собата каде спиела ќерката и ја удрил со чекан по глава при што ја повредил.

Во тој момент во собата влегле родителите на девојката, па осомничениот и нив ги удрил со чеканот по главата, нанесувајќи им тешки телесни повреди, од кои подоцна таткото починал.

По викотниците за помош, во собата дошле и братот на починатиот со сопругата, кои живееле на другиот кат од куќата, па осомничениот со чеканот и ним им нанел тешки телесни повреди.

По извршување на делото, осомничениот се вратил дома и на социјалните мрежи објавил статус во кој известува дека ги убил „своите монструми“. Веднаш е приведен и од страна на надлежен обвинител до Основен суд – Велес ќе биде доставен предлог за определување на мерка притвор против него.

Истовремено, јавниот обвинител издаде наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот, како и наредба за подигање на сите траги и материјални докази од местото на настанот.“

Јавниот превоз во Скопје утре по неделен возен ред

Поради празникот 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, утре јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред.

Од ЈСП Скопје информираат дека жичницата ќе работи со вообичаено работо време, а дежурни ќе бидат две билетарници. Од 7 до 14 часот ќе работат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.

Од јавното претпријатие додаваат дека жичницата ќе работи два часа повеќе од досега, односно од 10 до 20 часот.

-Во период од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу, велат од ЈСП Скопје. 

Работното време е согласно со Одлуката за работно време на Жичарницата во период мај – септември.

Учениците од понеделник на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни. 

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024. 

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ. 

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата. 

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Со лажен сертификат за англиски јазик аплицирала за директорка и добила работа, сега ќе одговара кривично

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) на 25.04.2024 до ОЈО Велес поднесе кривична пријава против М.В.(44), од Велес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, согласно член 380 ст.1 од Кривичниот законик.

Како што соопштува МВР, пријавената, на функција директор во општинска јавна установа за деца - детска градинка во Велес, прибавила меѓународно признаен сертификат за познавање на англиски јазик со нејзино име, издадена од училиште за јазици од Пловдив, Р Бугарија.

- Иако знаела дека исправата е со невистинита содржина, М.В. ја употребила како доказ дека поседува меѓународно признаен сертификат при нејзиното аплицирање на Јавен оглас за избор на директор на детската градинка, по што и била именувана на функцијата, соопшти МВР.

Популарно