„Независни Грци“ нема да го поддржат Ципрас

Партијата „Независни Грци“ нема да го поддржи гласањето доверба во грчкиот парламент, изјави лидерот на партијата Панос Каменос, кој претходно денеска соопшти дека ја напушта грчката влада.

Каменос поднесе оставка и од функцијата министер за одбрана по состанокот со Ципрас, пишуваат грчките медиуми.

Тој рече дека неговата партија ја повлекува поддршката за власта и се закани со исклучување од партијата на секој пратеник кој ќе гласа позитивно кога ќе се стави на тест довербата во владата на Ципрас.

Каменос вели дека давањето поддршка на гласањето, би значело поддршка и за преспанскиот договор. Тој порача дека народот треба да бара договорот за името да биде ставен на референдум.

Според весникот „Ефимерида“ сепак Каменос нема целосна контрола врз парламентарната група и се очекува дел од претставниците на партијата да го поддржат кабинетот.

Извори за весникот уверуваат дека владата на Ципрас веќе има обезбедено поддршка за да го добие гласањето доверба.

Пожар на грчкиот остров Крит во близина на поморската база Суда, превентивно евакуирани населба, болница и училиште

Населба, болница и училиште, рано утрово беа превентивно евакуирани поради шумскиот пожар што утрово избувна во близина на поморската база Суда на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот интервенираат 79 пожарникари со пет пешадиски тима, 22 возила и еден хеликоптер, помагаат припадници на воената морнарица, волонтери и цистерни од општините, а ситуацијата е подобрена и според локалните медиуми не постои активно жариште.

Утрово, преку порака од европскиот број за итни случаи 112 до жителите на областа околу воената база беше побарано превентивно да се евакуираат.

Според локалните медиуми, пациентите од болницата што е во близина биле префрлени во болницата во Ханиа.

Видео: Во Хрватска падна снег

На подрачјето на Горски котар во Хрватска синоќа падна снег, а на места имаше и вистинска снежна покривка.

Снег ја зафати и Горанската делница на автопатот А6 Риека-Загреб, но работниците на зимската служба минаа низ снегот и до утрово нема ограничувања во сообраќајот, јавува Н1.

Меѓународна полициска акција во БиХ

Во Босна и Херцеговина во тек е меѓународната полициска акција при што се уапсени повеќе лица, меѓу кои и високи полициски службеници, поврзани со наркокартелот „Тито и Дино“.

Во соопштението од Обвинителството на БиХ се наведува дека апсења и претреси се вршат на десетици локации, на подрачјето на Сараево, Зеница и Мостар, а цел на акцијата се неколку осомничени физички и правни лица.

Меѓународна поддршка за акцијата обезбедија американските ФБИ, ДЕА и Европол.

Осомничени се повеќе од 15 лица кои се поврзани со организиран криминал, нелегална трговија со наркотици, перење пари и други слични кривични дела.

Популарно