Нашиот најпознат епидемиолог, Проф. д-р Драган Даниловски, за хрватскиот портал ТПортал, даде осврт на моменталната сируација со пандемијата во нашата земја.
На прашањето како го објаснува наглиот скок на бројот на заболени, односно дали во Македонија вирусот мутирал и така го покренал вториот бран, д-р Даниловски одговара:
-Засега не постојат научни потврди дека вирусот навистина мутирал. Меѓутоа, факт е дека, наспроти зголемувањето на бројот на заразените, бројот на хоспитализираните лица се намалува, почнувајќи од 6 јуни. Зошто?
Заради тоа што бројот на заразените секогаш зависи од бројот на тестираните. А ако ги тестирате граѓаните само во жариштата на заразата, ќе добиете нереално поголем број позитивни, во однос на реалниот број на целата територија на државата.
Заради илустрација, ќе го понудам следниот пример: замислете дека треба да го процените бактериолошкиот квалитет на водата на некое езеро и за таа цел земате примерок на вода на место на кое во езерото се излива фекална канализација.
Ќе заклучите дека водата е фекално контаминирана, но ако би ја тестирале водата подалеку од местото на изливањето на фекалиите, би добиле сосема друг резултат.
Значи, ако сакаме најобјективно да го процениме вистинската пропорција на заразените, треба да се тестира општата популација. За жал, наспроти најавите дека ќе се почне со таков начин на тестирање веќе во почетокот на јуни, не гледам наговестување за такво нешто.
На констатацијата на новинарот дека некои луѓе во Македонија, тој нагол скок го толкуваат со теоријата на кластери, во кои вирусот избувнал под различни околности, професорот вели:
-Се согласувам потполно. Тоа се т.н. епидемиолошки важни настани. Фабриките работат и понатаму, наводно придржувајќи се до мерките на лична заштита (маска, физичка дистанца, миење раце), голем број луѓе и понатаму не се придржуваат до пропишаните мерки на заштита…
Згора на сè, се случи преурането и нагло попуштање на пропишаните рестриктивни мерки. Го укинаа полицискиот час, ги отворија кафулињата… Луѓето тоа го доживеаја како сигнал за укинување на епидемијата!
Навалија во кафулињата, во излетничките места, туристичките места – Охрид, Преспа, Дојран… и бројот на заразени почна да се зголемува. Нагло, но не насекаде! Деведесет и седум насто од овој втор бран локализирани се во дванаесетина општини. Во остатокот од земјата ситуацијата е мирна. Има општини кои се без ниту еден позитивен случај веќе повеќе од две недели.
Откако избувна нова епидемија во тие општини (вклучително и делови на Скопје), прогласен е полициски час во траење од 80 саати, но не е ограничен влезот и излезот од општините, што доведе до масовна ‘евакуација’ во туристичките места! А луѓето ниту таму не се придржуваа до мерките на заштита.
Сето тоа може да доведе до ширење на вирусот надвор од постоечките жаришта, на што ќе бидеме сведоци наредните денови. Тогаш, дали луѓето се виновни?
Луѓето се такви какви што се. Насекаде! Кога ќе се соочат со непознат, а уште и невидлив непријател, реакцијата е спонтан одбранбен гард. Луѓето се затвораат како школки! Се раѓаат пркос, револт и отпор кон мерките.
Јасно е дека и најдобрите мерки би биле без позначаен ефект, ако не се успее да се совлада тој отпор. Како тоа да се постигне? Луѓето треба да се анимираат, да се направат да бидат соработници, партнери во борбата со невидливиот непријател. Како?
Само со исправно информирање за реалните ризици од заразување, начините на пренос, мерките на лична заштита…
Најзначајна улога би требало да имаат матичните доктори во примарното ниво на здравствена заштита. Матичните доктори
би требало да објаснат на граѓаните дека рестриктивните мерки не се во функција на ускратување на човечките слободи, туку за заштита на нивното здрвје и здравјето на нивното семејство.
На тој план не се прославивме! Сметавме дека е доволно да се соопштат пропишаните мерки преку конференции за печат и медиумите.
Тоа не се покажа доволно ефикасно. Исто така, контролата на спроведувањето на пропишаните мерки, како и санкционирањето на непочитувањето на тие мерки, не беа на потребното ниво.
На прашањето дали дека под овие околности би требало да се дозволи одржување на избори во Македонија, закажани за почетокот на јули, Даниловски одговара:
-Епидемиолошките критериуми се сурово крути. Не може да се организира масовен настан од било која природа, ако не се исполнат следниве критериуми: во текот на две максимални инкубации да не се регистрира ниту еден заразен случај.
Очигледно таков критериум тешко може да се задоволи. И затоа, практично сите одлуки за масовни настани, пред сè, се политички. Се работи за умешност на владеење, умеење да се одбере најповолниот компромис меѓу здравствените ризици за населението, од една страна и другите видови ризици (социјални, економски, политички).
Основниот принцип е: преземените мерки во одредена криза никогаш не смеат да предизвикаат поголема штета од онаа предизвикана од самата криза.
На прашањето како здравствениот систем на Македонија се носи со епидемијата и дали е спремен на уште полош притисок, ако вирусот продолжи да се шири, проф. Даниловски одговара:
Досега здравствениот систем воглавно успешно се носи со епидемијата. На Клиниката за инфективни болести во Скопје редовните капацитети се пополнети со 70%. Но, градската општа болница веќе е полна 100%. Постои можност за мобилизација на капацитетите и во внатрешноста на земјата, како и можност за подигање на монтажни болници. Далеку поважен е проблемот на кадрите.
Ако има повеќе пациенти, постои можност дека ќе ни недостасуваат специфични профили на здравствени работници, особено анестезиолози интензивисти. Да се надеваме дека нема да дојде до неповолен тек на епидемијата, вели д-р Даниловски за хрватски „ТПортал“.
извор: galama.club