Денес се празнува Св. Архангел Михаил

Празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21 ноември според новиот (или на 8 ноември според стариот) календар меѓу народот е познат едноставно како Аранѓел, Оранѓел или Аранѓеловден. Многу семејства го имаат за домашен празник и го празнуваат со домашни служби, а и општо е верувањето дека тој спаѓа меѓу поголемите празници.

Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот итн.), Господ го создал духовниот свет ‒ ангелите. Ангелите се духови поради што се невидливи, а за подобро да бидат сфатени и за да се создаде претстава за нив на фреските и иконите се претставени во човечка форма. Тие се Господови гласници (ангел значи весник) ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крилја. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста, обелувањето на косата и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани во бела облека што симболизира душевна чистина и невиност. Единствено архангел Михаил е претставен во војводска облека. Зошто архангел Михаил е насликан како војвода?

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од Бога и почнале да прават злодела. Нив ги викаме ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, се одметнал од Бога, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Тогаш, кога некои ангели почнале да го напуштаат Бога и станале лоши архангел Михаил ги собрал сите ангели и како знак на верност кон Бога почнал заедно со нив да ја слави Света Тројца со песната: Свет, Свет, Свет е Господ Саваот. Во спомен на овој собир црквата го востановила празникот Собор на свети архангел Михаил што се празнува на 21/8 ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Зошто токму на овој ден се празнува денот на ангелите? Според некои истражувачи месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето, кога годината започнувала од март, ноември бил деветти месец, а девет се чиновите ангелски. Денот осми (според стариот календар) е одбран поради тоа што на осмиот ден од страшниот суд ќе дојде Исус да им суди на живите и мртвите.

Како што беше споменато се верува дека има многу ангели. Тие претставуват цела небеска војска раководена од Господ Саваот (а Саваот значи господар или командант над војската). Тие се поделени во девет чинови, групирани по три степени, со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, арангелите и ангелите. На некои им се знаат и имињата како на пр. Гаврил, Рафаил, Урило, Салатиј, Егудило, Вархило.

Во народното верување архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето, поради што во некои места (Радовиш) е наречен „Арангел душевадник“. Во Радовишко било обичај на Аранѓеловден да се оди на гости во с. Ињево каде што три фамилии колеле заеднички курбан. Се раскажува дека им се јавувал на сон некој глас и им велел да заколат курбан и тие тоа го правеле секоја година на овој ден приредувајќи гозби за гостите. Кузман Шапкарев забележал дека на Архангеловден во Охрид ги колеле свињите специјално ранети за таа зима од кои правеле пастрма, сланина и колбаси и на нивните слезинки гледале и претскажувале каква ќе биде зимата. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, „Свети Ранѓила“ го замислувале со терезија во едната и сабја во другата рака со која на луѓето им ги вадел душите. Според преданието од овој крај тој стоел на рајските врати и на терезијата од едната страна ги ставал добрите дела на човекот, од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот.

Марко Цепенков на едно место запишал дека „кога ќе умирал чоек, ангелот му се јавуал откај глаата, а смртта откај нозете. (На праведниот му се јавуал ангело и смртта многу весели, а на грешнио ‒ многу смуртени и страшни.) (…) Ангело бил со ножо в раце и со терезија, а смртта со една торба алати, како од некој мајстор, турли-турли алати имала: тесла, тесличе, пиличка, пила, секира, глето, копан и друзи многу“. М. Цепенков забележал дека и кога се венчавале луѓето ангелот Божји стоел до нив. „За прва венчанија на зет и невеста, кога се венчаваат, му идел ангел Божи од небото и стојал над младоженците на рамената, та му држел венците и штом да се довенчаат, ќе летнел ангелот на часот и ќе појдел кај Бога, та ќе му кажел. Второ венчање пак ангелот идел, ама назад од младоженците стојал и по една недела ќе одел кај Бога за да му кажит. А пак во треќата венчанија ангелот многу скраја стојал и ич не одел кај Бога за да му кажи за да се радуат ангелите“.

Уште еден ден од православниот календар е поврзан со името на архангел Михаил. На 19/6 септември се празнува „Спомен на чудата на св. архангел Михаил“, во спомен на чудото во Хон, место во Фригија, кога свети архангел Михаил ја спасил црквата од уривање од неверниците, кога водата што требало да ја потопи ја свртел во друга насока.

Едно народно верување вели дека според временските услови на овој ден може да се одреди каква ќе биде годината. Се вели: какво ќе биде времето на Аранѓеловден, такво ќе биде во текот на целата зима и пролет. Во некои краишта се слави и како празник на сточарите бидејќи се верува дека само тој може да ги истера волците.

Постои верување и обичај кај многу христијани кои го слават свети Михаил, бидејќи го сметаат за жив светител, да не подготвуваат пченица за славата, а тоа е неточно и неоправдано. Неопходно е да се подготви пченица за славата, бидејќи сите светители и сите мртви се живи пред Бога.

На овој ден преданијата велат дека треба да им се помогне на сиромашните и немоќните, да им се даде храна и пиење, а и да им се упати топол збор. За сета ваша добрина светецот ќе ве награди со ислушување на молитвите и желбите.

За Василица се крши погача со златник, велат од Бигорскиот манастир

Некои семејства лепчето со паричката го поделија за Бадник, други се подготвуваат тоа да го сторат за Василица која се слави следната недела. Секој крај си има свој обичај. 

Во се­ко­ја ку­ќа се ме­си крав­ја­че, пи­та или по­га­ча во ко­ја се ста­ва па­ра.

Си­те при­сут­ни во сво­јот дел од крав­ја­че­то ја ба­ра­ат па­ра­та и тој што ќе ја нај­де се сме­та за нај­среќ­ни­от во го­ди­на­та што прет­стои.

Некои од цр­ков­ни­те ли­ца се сог­ла­су­ва­ат де­ка за Бад­ник тре­ба да си до­ма. Но, ве­лат, леп­че­то со па­ри­че­то оста­ве­те го за Ва­си­ли­ца. Оби­ча­јот на Бад­ник да сед­не­ме на ма­са и да кр­ши­ме леп­че со па­рич­ка не е цр­ко­вен, ту­ку фолк­ло­рен оби­чај. 

Зошто на празникот на Св. Василиј се става златник или паричка, а не на Бадник? Одговор и детално појаснување за верниците за ова прашање пред неколку години дадоа надлежните од Бигорскиот манастир. 

- Свети Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на Свети Василиј, 1. јануари, месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија, појаснуваат оттаму. 

Сепак на луѓето им останува да си го направат својот избор, дали лепче со паричка ќе има на Бадник или пак на Василица. 

Православните христијани го слават Бадник

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник во Скопје ќе почне пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“.

Кум на годинашното одбележување е Радомир Макеларски, кој ќе го понесе ќупот за Бадник 2025, а здравичар е Атанас Петров, кој на платото пред Соборниот храм ќе ја каже здравицата во пресрет на Божик. 

Свештениците од Соборниот храм ќе ги осветат нафората и чајот, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Под мотото „Пренеси ја Божикната радост до секое срце!“, Христовото раѓање напладне во Скопје и други градови низ земјава,  ќе го најават децата со бадникови поворки, пеејќи ја „Вечниот Бог“.

Во Скопје се очекува да биде формирана досега најдолгата бадникова поворка, а за дечињата се подготвени повеќе од 3.500 коледарски пакетчиња.

Поворките ќе тргнат пред Музејот на Град Скопје, со движење низ улицата „Македонија“, а ќе завршат на Плоштадот во Скопје, каде што ќе се одржат голем Божикен концерт, креативни работилници за децата на кои секое дете ќе може да изработи своја ѕвезда и да ја зачува за следната година, драмски претстави за сите возрасти, како и традиционално дарување од градоначалниците, кои ќе ги пречекаат дечињата, како најрадосни предвесници на Христовото раѓање.

На плоштадот во Скопје уште претходно беше поставена пештера на Христовото раѓање, создадена од врвни уметници и волонтери.

- Бадниковите поворки и во 2025 година ќе внесат весела празнична атмосфера во домовите на сите православни христијани, ширум земјава и странство. Затоа, ајде сите заедно да ја пренесеме божикната радост во секој град, секое населено место, во секој дом и да го почувствуваме благословот на Христовото раѓање, порачаа од Здружението „Бадникови поворки“.

Поради одбележувањата на Бадник, денеска на подрачјето на Скопје ќе има посебен сообраќаен режим. Од СВР Скопје апелираат до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници. 

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.

Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.

Денеска е Зачнување на св. Ана

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 9 декември.

Денеска е Зачнување на св. Ана.

Денес Црквата ги слави светите Јоаким и Ана, родителите на Марија, која се удостои, како избрана од целиот човечки род, да го роди самиот Бог. Уште попрецизно, Црквата се сеќава со радост на зачнувањето на онаа што подоцна ќе ја слават сите родови како Богородица. Во таа смисла, светите Јоаким и Ана. Црквата ги нарекува богоотци.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Франциска Кабрини.

Според службените статистики од 1876 до 1914 година, 14 милиони Италијанци поради неповолните животни услови, ги напуштиле родните градови и заминувале во странство, а најчесто во Америка. Покрај тешката работа, единствената утеха на луѓето, им биле италијанските свештеници. Во тешките услови Господ, им ја испратил света Ивана Кабрина.

Таа неуморно работела со своите сонародници, охрабрувајќи ги во новата татковина. Затоа ја нарекувале Мајка на италијанските иселеници, бидејќи живеела за нив. Поради нејзиното несебично работење и светост, папата Пио Дванаесетти, 28 години по нејзината смрт, ја прогласил за светица.

Популарно