Билјана Здравковска Стојчевска со аналитичен став за сè погласните повици да се забрани Тик-ток. Однесувањето на младите е само рефлексија на општеството во кое живееме, вели таа.
Нејзиниот фејсбук став ви го пренесуваме во целост:
- Забраните на ТикТок со цел да се спречи бранот на насилство меѓу децата и младите ми личат на кршење на огледалото бидејќи не ви се допаѓа одразот што го гледате во огледалото. Ајде еве да се забрани ТикТок. Еве и сите социјални мрежи да се забранат.
Што правиме со насилството и агресијата кои децата секојдневно го гледаат во семејствата? Семејното насилство и насилството врз жените има огромни размери во државата и во најголемиот дел од случаите поминува неказнето или со блага казна.
Што правиме со блуењето навреди и омраза против политичките неистомисленици, против оние со различна вера од нашата, против противничкиот спортски тим, против наставничките кои ставаат слаби оценки, против продавачките, провинцијалците, комшиите...
Што правиме со насилството против животните, уништувањето на клупите и љуљашките во парковите, со фрлањето на ѓубре кај што се стигне...?!
Што правиме со неказнивоста која ја толерираме секојдневно како општество? Против толерирањето на злоупотребите на службените позиции за лични цели, посебно ако се "нашите" вo прашање? Против непотизмот и промовирање на “наши” деца и партиски послушници?
Сите овие негативни појави ќе исчезнат и прекинат со забраната на социјалните мрежи ?! Камо да беше толку лесно.
Не, нема да престанат, туку само ќе се најде некоја друга форма преку која тие ќе се рефлектираат.
Однесувањето на младите е само рефлексија на општеството во кое живееме.
радењето на добро општество не се базира на забрани, туку на поттикнување и практикување на доброто однесување, на емпатија, помош на послабите, како и осуда и санкционирањето на кршењето на законите и на насилниците.
Самите одлучуваме какво општество сакаме да градиме.
Промените треба да дојдат од секој поединечно.