Слатко или мармалад од јагоди

Веќе е сезона на јагодите, а уште малку нивната цена ќе се снижи и тоа е погоден момент за вас да направите слатко или мармалад од нив, и да продолжите да уживате во нивниот вкус и за време на зимската сезона. Како да приготвите слатко или мармалад прочитајте подолу.

Слатко од јагоди

slatko-jagoda-slika-70610

Потребни состојки

1кг јагоди

1кг шеќер

1 лимонтус

1 лимон

Подготовка

Јагодите се мијат и се чистат од рачките. Во сад со 150мл. вода се раствара лимонтусот, земаме дел од јагодите и ги ставаме во течноста да постојат 10сек. и ги вадиме. Истото го повторуваме со сите јагоди. Добро исцедените јагоди ги полеваме со сок од еден лимон. Потоа во тенџере ставаме ред јагоди ред шеќер, се додека ги потрошиме. Го оставаме тенџерето да отстои преку ноќ. До сабајлето јагодите си пуштат сок и ги ставаме да се варат на јак оган. Ова слатко не се промешува, па затоа треба тенџерето да е доволно големо за да не може да претече. Откако ќе се свари (од 15 до 20 мин.) го тргаме слаткото од оган му ја тргаме пената, го покриваме со влажна крпа и го оставаме да стои 15мин. За тоа време јагодите пуштат вода и затоа после 15мин. го враќаме слаткото уште 5 мин. на јак оган. Го тргаме од оган му ја отстрануваме пената и го покриваме со влажна крпа и го оставаме да се излади, па потоа го собираме во тегли. Вака подготвеното слатко нема да се расипе.

Мармалад од јагоди

dzem-od-jagodi

Потребни состојки

3кг јагоди

1 кило и 200 грама шеќер

1 лимон

Подготовка

Јагодите се чистат од петелките и се мијат. Потоа се ставаат во поголемо тенџере ред јагоди, ред шеќер, да се заврши со шеќер. Пред да се стави последниот ред шеќер, се` се прелива со сокот од лимон. Тенџерето се покрива со капак и се остава во фрижидер 24 часа. За тоа време јагодите ќе пуштат сок, а шеќерот ќе биде делумно стопен.

Следниот ден се вари мармаладот. Ако сакате во мармаладот да има парчиња јагоди треба да го мешате дури се вари. Јас повеќе сакам кога е компактен, па затоа кога ќе се стопи шеќерот јагодите ги пасирам со рачен блендер. Ако не мешате или блендирате, ќе добиете слатко.

Мармаладот се вари околу 2 часа на среден оган. Јас вадам на чинивче и кога ќе се олади гледам дали е доволно густо. Внимавајте да не го преварите, но не чини и да е недоволно сварено.

На крај извадете ја пената и сипете го мармаладот во топли тегли. Наполнетите тегли завиткајте ги во ќебе и оставете ги така додека не се оладат.

Следниот ден теглите може да ги складирате на местото наменето за чување зимница.

Коментари

Популарно