Дали и полицајците ќе ги плаќаат новите глоби за сообраќајните прекршоци?

Оддамна ми е јасно дека Балканот и Македонија со него е материјал за едно опширно истражување. Верувам дека такво истражување е во тек и дека реазулатите ќе бидат едноставно необјасниви, но нас никој нема да ни ги соопшти, а и да ни ги соопшти ние нема да ги прифатиме. Народот на ова парче земја е за во филм на Тарантино. Без почеток и крај и без некоја посебна порака. Интересни сме за гледање, топли за дружење, полни емоции кои не можеме да ги контролираме, желни за пари, мрзливи за работа, без некоја зацртана цел и идеја, а најмалку одговорност.... Добро е што не сме доволно воинствени инаку ќе бевме слични на дружината од Блискиот исток.

полицаец-пишува-казна

Јас немам време, ни средства да снимам филм со или без Тарантино. Опширното истражување е исто така надвор од моите можности, иако како Македонец за себе мислам дека сум најпаметниот човек некогаш роден, сепак овој предизвик ќе му го оставам на некој друг и ќе се задржам само на еден мал сегмент од нашето лудо секојдневие.

Деновиве на сите медиуми на широко се пишува за новите сообраќајни казни и огромните суми кои ќе ги плаќаат сите оние кои ќе ги прекршат сообраќајните правила. Народот е во паника. Веднаш се јавија и оние кои не ја сакаат владата и ја започнаа старата приказна за празниот буџет и собирањето арач по улиците низ Македонија. Јас искрено не знам каква е состојбата со буџетот на Владата и дали навистина на овој начин се обидуваат да затнат некоја дупка, но едно со сигурност знам. Ниту еден сообраќаен полицаец нема да ми дојде дома и да ми бара пари. Нема ни на улица да го направи тоа доколку не направам прекршок. Значи висината на казните треба да ве интересира само доколку планирате да направите прекршок! Дали казната е 5 евра или 5000 евра е сосем неважно доколку не го кршите законот. Не се казнуваат сите, туку само оние кои го кршат сообрачајниот закон. Односно, оние кои ќе бидат фатени како го кршат. Поголемиот дел и од нив ќе останат неприметени и без казна.

И пред ова „поскапување“ на казните истите беа многу високи за македонскиот стандард. Веќе неколку години секоја казна за посериозен сообраќаен пекршок е поголема од просечната македонска плата, што значи дека ако ве фатат – отиде платата. Казните за ваквите прекршоци се сериозно скапи и на запад, па Владата по нивни рецепт се обиде да не воспита, но ние не сме западњаци. Ние сме Балканци! Ние сме решени да правиме сообраќајни прекршоци и да кукаме за казните. Па дури и „Ѕид на срам“ се направи на Фејсбук, но навиките не се менуваат. И на самата група во дискусиите може да се прочита славната (на оваа тема) Балканска реченица: „Никој не е цвеќе, сите ниe правиме сообраќајни прекршоци“! Епа ако правите и ве фатат – ќе платите и тоа солено! Не е само во Македонија така и сите ние добро го знаеме тоа.

Од досега изложеното секој нормален човек би заклучил дека Бaлкнаците едноставно мораат да прават прекршоци. Во ген ни е! Џабе казните, џабе се! Но, тука е парадоксот. Истите тие возачи што низ улиците во Македонија возат како шерифи, не стојат на црвено, сечат двојна полна линија, зборат на мобилен или уште полошо проверуваат Фејсбук на мобилен додека возат, секој викенд пијани се возат накај дома, истите тие кога ќе излезат од државава возат како ученици во авто школа. Никој не прави прекршок на запад. Секој знак се почитува и никој не паркира на тротоар или на зелена површина. Оправдување – казните се многу скапи!!! Сериозно? Значи Владата треба да ги поскапе уште малку?

Факт е дека не е до цената, станува збор за нешто сосема друго. За непочитување на институциите, непочитување на полицијата и законот. Непочитување на државата! Од каде е тоа непочитување и од кога датира е тема за сосем друго истражување. Но, доколку ние не си ја почитуваме државата, не се почитуваме ни самите себе. Истото важи и за државата, доколку таа не не почитува нас, не се почитува себе. Затоа не смее да има двојни аршини и најважното секој мора да си ја плати казната, па дури и полицаецот кој паркирал на погрешно место со службено возило. До тогаш ќе биде вака. Поскапување, казни, кукање и пак во круг.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно