Математика не полагаме, ама немаме проблем да просиме!

Исполнета недала со дешаванки во малава ни држава, па без посебен вовед да се фатиме за работа.

z91

1. Средношколци

Иако знам дека мојот став е непопуларен, јас не сум на страната на средношколците. Сеуште мислам дека добар дел (80% од нив) не знаат за што не одат во школо. Битно не одат. Јас бев средношколец 1997 година и јас не знаев зошто не одам во школо, ама не одев. Јасно ми е дека оние момчиња кои се појавуваат на ТВ и се преставници на „средношколскиот пленум“ знаат зошто протестираат. Со дел од нивните барања и се сложувам, но тоа не е доолно за да застанам на нивна страна. Можеби најмногу ме иритира копирањето на студентите од пред неколку месеци. И средношколците се во пленум и тие сакаа да спијат во училиштата, па од кога не успеаа се пресеија во паркот спроти Министерството за образование и наука и тие како и студентите побараа помош од граѓаните. Побараа донации!

Се молат сите граѓани кои сакаат да ни помогнат во нашата истрајност при кампувањето и бојкотирањето на наставата доколку се во можност да ни донираат на штандот во паркот на новинари. Работи кои се потребни:

– вода

– пластичен прибор за јадење (лажици, вилушки, тањирчиња)

– чаши

– салфетки, влажни марамици

– кафе, чај

– шеќер

– леб и готови лиснати

– храна која не е лесно расиплива

– плински боци

– овошје

Однапред Ви благодариме.

Со почит

Средношколски Пленум

Децава побараа вода!!! Озбилно? Немате дома или не ви даваат?!! Дајте бе луѓе, нели вие сте иднината? Зарем ќе просите за леб и вода по паркови? Математика не полагаме, ама немаме проблем да просиме!

2. Македонија е лулка на човештвото, а Македонецот божји човек

Пред неколку дена најпрво на српски портал прочитав дека Африка не а мајка на човештвото, туку Македонија, за потоа сите македонски портали да ја превземат веста и да ни раскажат дека се започнало од тука. Искрено, немам докази дека тоа не е така, но засега ниту постојат докази дека тоа е вистина. Пронајдени се само фосили од животни постари од оние во Африка. Тоа е се. Треба да почекаме и да дознаеме. И токму кога бев спремен да ја заборавам епизодата за „големината“ на Македонија, се појави Аристотел Тентов. Човекот без јасен концепт во, според Јанко, најгледаната емисија во Македонија, ни кажа дека ние сме НАЈБОЉИ, па затоа сите не хејтаат!!! Требаше уште да каже дека во оригиналниот стар завет на Библијата, Бог не им се обраќа на луѓето кои ги спасува од Египет со Изралеци, туку со Македонци. Тоа намерно некој го сменил подоцна. Пошто не хејта!

3. Рефрендум за ГТЦ и потоа

Се гушкавме, се мувавме, ама не не бидна. Падна референдумот за ГТЦ во Центар. Падна! Тоа е единствената вистина, но во Македонија тоа не е толку лесно да се заклучи. Откако на референдум изглегоа близу 40% од центарци, градоначалникот на општината и Заев излегоа со соопштение дека тоа е победа и дека Владата сега не смее ни да помисли да го менува изгледот на ГТЦ, затоа што речиси сите кои излегле гласале да ГТЦ да остане ист. По таа логика Струга и Кичево се сеуште доминантно македонски општини. И на тој референдум речиси сите гласаа против новата територијална поделба на Македонија, но лани на 8ми Септември граѓаните на Струга сами си купуваа знамиња и ги закачуваа по бандери. Нив никој не им кажал дека и 40% се доволно. Не му кажал ни на градоначалникот на Струга.

Од друга страна и Владата треба да ги земе во предвид оние кои излегоа на референдумот и добро да размисли пред да донесе одлука за изгледот на најстариот трговски центар во Македонија. Не дека е не смее или дека загуби на референдумот. Никој нема да загуби ако Владата ја оствари желбата на граѓаните, па немаесто политичка донесе праведна одлука.

Единствено позитивно од целата политичка фарса по падот на референдумот се неколкуте проопозициски новинари кои го принзаа поразот и ја прифатија вината. По долго време во опозицијата се дозволи внатрешна критика, иако и тие треба да разберат дека изгледот на ГТЦ никако не смее да биде политичка битка.

4. Бомби, пучеви и све остало

Текстов е веќе доволно долг, но не би било фер да не ги спомнам и бомбите, пучот, ... Иако, Заев речиси секој ден објавува нови материјали, темава е веќе истрошена и ќе остане така се до почетокот на судскиот (се надевам) отворен за јавноста процес. Тогаш ќе ги видиме сите докази на двете страни, ќе се докаже кој прислушкувал и зошто, дали материјалите се монтирани и кој (ако некој) ја заслужува власта. До тогаш мојот став можете да го прочитате ТУКА.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно