Не плачев пред 8 години на овој ден. Не плачам ни денес!

Велат темнината е отсуство на светлина, злото отсуство на добро, а тагата отсуство на среќа. Не знам дали е така, но ова последново има логика. Надворешната манифестација и на тагата и на среќата се солзи, па голема е веројатноста да станува збор за иста сензација со потполн контраст во исполнетоста на душата. Во првиот случај е полна до максимум, а во вториот страотно празна.

toseproeskirip

Ако оставиш човек во мрак, по извесно време очите ќе се приспособат на ситуацијата и видот ќе се врати. Никогаш во истиот сјај, но човекот ќе прогледа. Ако оставиш човек во зло, тој ќе се навикне и на тоа. Ќе чека да помине и ќе бара барем мал зрак на добро. Но, што кога среќата ќе изчезне? Што кога душата е празна? И на тоа се навикнуваме. Продолжуваме понатаму со надеж дека утре ќе биде подобро. Ја полниме дупката со мали или поголеми успеси, со материја и учиме да ја носиме тежината со нас. Однавор се изгледа нормално, навидум се функционира... се до кобниот 16ти Октомври... А тогаш само една песна, само еден стих „ЗОШТО ОТИДЕ“.

Уште од мал ме учеа дека машките не плачат. „Ајде сине, ништо не ти е, стани. Срамота е да плачеш, машко си“. И не плачам. Барем не често и никогаш пред луѓе. Не плачев ни пред 8 години на овој ден. Не плачам ни денес. Машки ги голтам солзите уште пред да потечат и ги стискам забите. Не смеам да му покажам дека сум тажен, а тој е причината. На човекот кој цел живот го потроши да не усреќи, да ни го разубави секојдневието, не можам да му покажам дека сега е причина за тага. Беше уште дете, наивно момче, а ни велеше дека „Сите не сака“. Ни покажа дека и во овој „корнер“ од светот човек може да биде голем. Дека и со љубов и добрина се успева. Ни покажа дека и ние знаеме да сакаме. Не научи дека вредиме, ни призна дека само пред нас има трема... Како сега јас да плачам за него? Тоше никако не смее да биде извор на тага, но неговото отсуство секогаш ќе значи отсуство на среќа. Отсуство на љубов, на добрина, отсуство на светлина...

Предноста на оние кои никогаш не сакале, е тоа што никогаш не ја изгубиле љубовта. Никој не им го скршил срцето. Предноста на оние кои секогаш живееле во зло и во мрак, е што никогаш не виделе добро или светлина. Тие никогаш ништо не изгубиле, па не знаат колку им недостига. Ние кои го сакавме, за кои тој беше светлина и добрина, ние знаеме што изгубивме. Нас страшно ни недостига и проклето многу не боли! Сепак, токму ние сме среќните. Иако, секој 16ти Октомври не потсетува што изгубивме, истиот датум и целата тага не потсетува што научивме. Можеби срцата ни се со лузни, можеби товарот денеска е претежок, а очите полузатворени, но сега знаме што значи среќа. Тоше не научи да препознаеме љубов, да цениме добрина и да веруваме во нас. Затоа место да плачам по изгубеното, да плачам по тебе, ќе ти кажам ФАЛА. Фала за се што ни даде, за се што ни остави, за се што беше и сеуште си. Фала што баш тука се роди и никогаш не се откажа од нас. Чувај не од таму горе, а ние секогаш ќе те памтиме и сакаме.

До некоја следна средба, Тоше ТЕ САКАМЕ!!!

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно