СДСМ уште сега ги полни гласачките кутии за изборите во Април

Веќе неколку години главен збор на опозицијата во Македонија е поимот ДИКТАТУРА, па еве да расчистиме што подразбира терминот.

zaev_glasa

Дефиниција:

„Диктатурата, во современ контекст, се однесува на апсолутно владеење најчесто од страна на диктатор, владеење коешто не е ограничено од законите, уставот или некои други социјални и политички фактори.

Диктаторите многу ретко доаѓаат на власт со помош демократски средства, најчесто до власта доаѓаат по пат на сила односно револуции. Тие најчесто ги оправдуваат своите постапки велејќи дека ја користат силата и моќта која што ја поседуваат како би се справиле со некои тешкотии односно опасности, без разлика дали тие опасности биле реални или измислени.“

Ок, сега кога ја имаме дефиницијата можеме и да донесеме заклучок или барем да поставиме неколку прапања.

Кој побара кршење на уставот и договор посредуван од надворешни дипломати? Кој побара власт на улица, преку револуција? Кој сакаше да презентира моќ за да се справи со „опасности“? Кој бара еден човек да решава што е добро или лошо да се емитува на приватни медиуми, а истите ги прогласи за непријатели?

Во Македонија на власт имаме политичка партија која победи на регуларни и демократски избори пред 2 години. Ова не е мое мислење, туку заклучок на ОБСЕ (истите тие кои на следните избори ќе бидат во ДИК) и меѓународната заедница. Во „бомбите“ немаше ниеден разговор за било какво влијание врз изборниот процес од 2014 година, но тоа не и пречеше на опозицијата да не ги признае и на улица, преку револуција да бара власт. Револуцијата (обоена или не) не помина, па дојдовме до „Пржино“ и газење на Уставот. Сега имаме Специјален обвинител (што не е ништо друго освен маркетиншки трик) и Министри за кои мнозинството во Македонија се изјаснило дека местото им е во опозија. Или со други зборови, насилно освоени позиции! Македонија 100 дена ќе биде едиствена држава во светот со парламентарно уредување на чие чело ќе стои Премиер за кој никој не гласал! НИКОЈ! Но, и ова не е доволно, па сега треба да затвориме по некој медиум! Баш оние најгледаните. Не дека ми се допаѓа програмата на било кој од овие медиуми или дека мислам дека се објективни (не се), но ДА, најгледани се! И сето ова сервирано како борба против диктатура?!

Мене навистина не ми е јасно кој е креатор на „револуцијава“ и дали човеков некогаш бил подолго од два дена во Македонија, но јасно ми е дека во Април го чека непријатно изненадување. Владејачката гарнитура, за која јас сметам дека потфрла во речиси секој домен од владеењето, не само што не е загрозена, туку на тањир и се сервира досега невидена победа. Ниту Груевски, ниту ВМРО нема да смеат да си препишат заслуги за дебакалот на СДСМ на следните избори, затоа што никој од нив не направи ништо. Тие само (мудро) чекаа конкурентот да се самоубие и да им подари нов мандат. Од другата страна сме сведедоци на его типови желни за самоубиство. Јас стварно не знам дали планерот на револуцијава на нив им го доставил планот или ги остави сами да сфатат, сметајќи дека имаат капацитет и се излажал. Ако во планот за освојување на власт во Македонија имаше интервју на Заев со новинарка од Косово во кое тој без нималку размислување нуди Албанскиот јазик да биде службен на целата територија во Македонија или пак „гостување кај вториот човек на Мосат“ или три различни изјави за терористичкиот напад во Куманово (сигурен сум дека во моментов и самиот Заев не знае што тој мисли за случувањата во Куманово), ако во планот за револуција стои и затворање на медиуми, тогаш човекот кој го правел ги измешал скриптите. Ја утнал државата и народот. Овде тоа не поминува. Не затоа што ВМРО ја заслужува власта, туку затоа што другата опција секојдневно се самоубива. Јас не можам да разберам (неуставно донесена) Министерка која со писмена наредба бара сите одлуки во министерсвото да ги носи личност која не е вработена во Министерството! Освен, ако таа свесно сака (политички) да се самоубие. Што ли мислела дека ќе се случи? Не сериозно, што мислевте Министерке? Као никој нема да примети?

Џабе се сега мајсторски штелуваните резултати од анкетата на ИРИ за популарност на политичките партии и лидерите. Напразно сега му се симнува популарноста на Груевски, јасно е дека, ако тој самиот не се повлече и по Април ќе стои на чело на Владата. Ништо не мора да направи човекот, може слободно да оди на одмор до избори и од шала да освои 60 пратеника. Трагедијата оди до таму што Груевски слободно може на ден пред избори да излезе на ТВ и да и порача на Македонија да гласа за СДСМ и повторно убедливо да победи. Никој нема да го сфати сериозно. НИКОЈ! Всушност тоа е најлошата вест! Не Скопје 2104, не „бомби“, не партизација на администрација или задолжување... Најлошата вест за нас како држава е дека сакале ВМРО или не, во Април ќе добијат нов мандат! Изборите се веќе „наместени“. Место да стравуваат од промена, од губење на позиции, па да работат и остваруваат ветено, тие можат да си се опуштат и да ги гледаат самоубиците од Бихачка како „им полнат“ кутии. И најдобрите спортисти потфрлаат кога нема конкуренција, кога нема притисок. Всушност и самата демократија е замислена со најмалку две партии, а кај нас, освен за самото членство на СДСМ, има само една партија. Единствениот избор во Април ќе биде дали да се излезе на избори или не. Во таков случај ќе бидеме препуштени на добрата воља на ВМРО и нивниот етички и морален кодекс, а тоа е пострашно од колку што звучи.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно