ВНИМАТЕЛНО ако патувате во Грција: Измамници ги демнат македонските туристи на солунскиот „ринг роуд“

Опасност ги демне македонските туристи кои се враќаат од Грција. Измамниците што бараат пари за бензин во автомобил ги демнат македонските туристи, кои се враќаат кон Македонија на делницата на патот по обиколницата околу Солун, непосредно пред свртувањето за граничниот премин.

solun-51403

Тие имаат посебна тактика со која прво ги предупредуваат туристите да застанат со своето возило за потоа да им објаснат дека „ненадејно“ им снемало бензин и оти им е потребна парична помош за да отидат до Солун да стават нешто бензин во резервоарот. Притоа, тие ги уверуваат македонските туристи дека парите ќе им ги врати нивен деловен партнер, а како гаранција остават прстен, кој е обична бижутерија.

Ваквите ситуации се случуваат најмногу во неделите, кога е крајот на викендите и кога македонските туристи од Грција најчесто и во голем број се враќаат дома. Делницата на солунскиот „ринг-роуд“ пред свртувањето за Евзони е трасата по која поминуваат речиси сите македонски туристи што се враќаат од грчките летувалишта и земјава влегуваат преку граничниот премин Богородица кај Гевгелија.

Скопјанецот Горан Стојановски раскажува дека завчера имал токму такво искуство, а кое треба да го имаат предвид сите оние што планираат да поминат по таа делница.

- Во неделата попладне возев брзо по тој пат, кога пред мене здогледав бел луксузен автомобил „ауди“, кој возеше мошне бавно. Нормално, почнав да го заобиколувам и кога го престигнав и се вратив на средната лента, забрза, почна да ми дава светлосен сигнал, а возачот почна да ми мавта со рака држејќи во неа некаква бела картичка. Прво помислив дека е некој полициски автомобил и оти полицаецот во цивил ми дава знак да застанам. Се разбира, послушав и се паркирав во помошна лента, а возачот оттаму излезе и дојде до мојата врата - раскажува Стојановски.

Тој наведува дека човекот за кој не знае дали е Грк или од друга земја на лош англиски јазик му објаснил дека патува кон Македонија, за во Европа кај својот деловен партнер, но оти му снемало бензин.

- Ми побара пари за да купи бензин давајќи ми некаква визит-картичка на некоја фирма од странство. Ми рече да му се јавам на тој човек и тој ќе ми ги прати парите и да не се грижам ништо. Истовремено, како гаранција ми го даде својот прстен од рака за кој веднаш се виде дека е најобична бижутерија. Покажа и накај автомобилот, во кој имаше две дечиња. Kога му кажав дека имам само македонски денари, ми рече дека тоа не е проблем, бидејќи ќе отиде до Солун и таму ќе ги замени парите за евра - раскажува скопјанецот.

Тој додава дека целата таа приказна му станала мошне сомнителна и оти одбил да му даде пари.

- Сфатив дека на тој начин сака да добие пари од мене и оти не е во вистинска неволја. Kој е тој што вози по „ринг-роуд“, а нема бензин, чиј партнер ќе ви прати пари откако ќе му се јавам и кој е тој што ќе оди до Солун да смени денари за евра. Одбив, а тој беше видно разочаран и замина - наведува Стојановски и додавајќи дека притоа, за среќа, немало никаков инцидент.

Скопјанецот не ја запаметил регистарската табличка на возилото, но ги предупредува македонските туристи да внимаваат на оваа делница од патот, особено кога ќе забележат возило што мошне бавно вози пред нивното.

Коментари

Популарно