Спортски манифестации по повод 13 Ноември

По повод 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје денеска се одржуваат повеќе спортски манифестации.

timthumb

Во спортската сала „Македонски херои“ е отворен карате турнирот „13 Ноември“ на кој ќе настапат околу 400 натпреварувачи од четири држави.

На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој на натпреварувачите им посака добар настап и постигнување на добри резултати.

- Многу ми е драго што со оваа спортска манифестација ја збогатуваме програмата за чествување на 13 Ноември - Денот на ослободувањето на Скопје. На овој традиционален меѓународен турнир ќе се натпреваруваат околу 400 натпреварувачи од четири држави во сите категории. Ви посакувам добар настап и нека победат најдобрите, рече Трајановски.

Во малата сала на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржуваат финалните борби од 46. Меѓународен традиционален боксерски турнир „Златен Гонг Скопје 2016“ на кој учествуваат над 50 натпреварувачи од 12 европски земји.

На дел од борбите присуствуваше и градоначалникот Трајановски, кој ги додели и медалите за најуспешните учесници во неколку категории.

Традиционално на оваа спортска манифестација се доделуваат „Златен гонг“ за најдобар боксер, како и пехари за најдобар техничар, најдобар тренер, најдобар судија, најдобар македонски и најдобар странски боксер. И годинава турнирот се одржува под покровителство на Градот Скопје и Агенцијата за млади и спорт во соработка со Сојузот на спортските федерации и Боксерската федерација на Република Македонија.

Во рамки на спортските настани кои денеска се одржуваат по повод 13 Ноември, е и традиционалниот меѓународен турнир во куглање „Скопје Опен 2016“ којшто се одржува во кугланата „Мусандра“ во ГТЦ. И оваа година на турнирот ќе настапат натпреварувачи од повеќе земји во сениорска и јуниорска категорија.

Коментари

Популарно