Денеска е Обрезание Господово и Св. Василиј Велики

На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар македонскиот народ празнува три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

Свети Василиј е празник во народот најчесто познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат.

За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи, како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско – василичари, во Битолско – бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата – џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак, таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Коментари

Популарно