ФОТО: Сириецот кој направи селфи со Ангела Меркел го тужи Фејсбук, а причината е оправдана!

Адвокатите на „Фејсбук“ се појавија во судницата на југот на Германија, во градот Верзбург, а случајот би можел да прерасне во пресвртница.

Мигрантот од Сирија кој стана светски познат по селфито што го направи со германската канцеларка Ангела Меркел го тужеше „Фејсбук“ поради, како што вели, „нереагирање на лажните вести во кои осамна неговата фотографија, а кои се објавени на таа социјална мрежа“.

Адвокатите на „Фејсбук“ се појавија во судницата на југот на Германија, во градот Верзбург, а случајот би можел да прерасне во пресвртница кога лажните вести се во прашање, имајќи предвид дека Владата на Германија бара начини да ја зголеми одговорноста на интернет компанијата за содржината што се појавува на нивните платформи, пишува „Гардијан“.

Сириецот којшто го тужеше „Фејсбук“ се вика Анис Модамани (19), а по потекло е од Дараја, предградие на Дамаск. Тој во септември 2015 година направи селфи фотографија со Ангела Меркел, која лично ги дочекуваше мигрантите пред засолништето во Берлин.

Во деновите што следуваа, неговата фотографија од мобилниот телефон, како и онаа што ја направија професионалните фотографи кога го овековечија неговото селфи со канцеларката, стана симбол на одговор на Германија на бегалската криза.

Меѓутоа, набрзо се појавија и вести кои имплицираат дека Модамани е вмешан во терористички работи. Во март 2016 година, на Фејсбук се појавија бројни текстови во кои сириското момче е лажно идентификувано како Наџим Лахрауји, еден од терористите одговорни за бомбашкиот напад во Брисел. Слични вести се појавија и по обидот на бомбашкиот напад во германскиот Ансабах, неколку месеци подоцна.

Во текот на католичкиот Божик младиот Сириец пак се најде во немилост на лажните вести, кога на Фејсбук се појавија мноштво вести во кои лажно е идентификуван како еден од мигрантите коишто во Берлин се обиделе да запалат жив бездомник. Вистинските виновници, шест Сиријци и еден Либиец, набрзо се предадоа во полицијата.

Чан-јо Јун, адвокатот на Анис Модамани рекол за „Гардијан“ дека секој пат кога ќе дојде до некој инцидент во кој се вмешани бегалците, неговиот клиент се наоѓа на ударот.

- Различните лажни вести со фотографијата на Анис според нашата проценка ја видоа барем 50.000 луѓе. Коментарите се ужасни, некои дури порачуваа дека треба жив да се запали. Сега, Анис Модамани бара законот конечно да го заштити - порачал Јун.

Покрај „Фејсбук“, Сириецот тужеше и неколку политичари од редовите на екстремната партија АфД (Алтернатива за Германија), кои изрекле бројни навреди на негова сметка.

Германскиот суд му нареди на „Фејсбук“ во рок од 24 часа од поднесувањето на тужбата да ги избрише сите лажни вести во кои се спомнува Анис. Доколку тоа не го направи, Сириецот би можел да добие најмалку 500.000 евра, и тоа дополнително на сумата која би ја добил во случај „Фејсбук“ да биде прогласен за виновен.

Анис Модамани во моментот интензивно учи германски јазик и работи во ресторан за брза храна во Берлин. Кога минатата година дал интервју за германски „Билд“, рекол дека во моментот на сликањето на селфито со Ангела Меркел „воопшто не знаел која е таа жена, туку дека му делува многу симпатично“

- Подоцна, сонародниците ми рекоа дека е во прашање шефицата на Германија - рекол тогаш Анис.

Коментари

Популарно