Вака ќе го чуваат Трамп на инаугурацијата: 28 илјади полицајци, снајперисти, детектори...

Снајперисти, камиони како оружје за напад, вооружени дронови... сето тоа се смета за можен безбедносен ризик на претседателската инаугурација на Доналд Трамп во петок во Вашингтон на која што се очекува да присуствуваат речиси милион луѓе.

Откако двајца џихадисти извршија терористички напади возејќи камиони во Ница и Берлин, американските безбедносни луѓе ги превземаат сите мерки за да не се случи нешто слично во Вашингтон.

И додека Вашингтон е во трајна состојба на подготвеност поради можните терористички напади на Исламската држава или Ал Каида, во последниве години се покажа дека САД се ранливи на напади од внатре кои што не се организирани, туку се инспирирани од радикалниот ислам. Сепак, министерот за државна безбедност Јех Џонсон изјави за новинарите дека „не постои ниту една веродостојна закана за инаугурацијата“.

„Но, ситуацијата со глобалниот тероризам е прилично поинаква од времето кога беше инаугурацијата на Барак Обама во 2013-та година. Мораме да бидеме загрижени поради домашниот насилен екстремизам“, порача тој.

Околу 28 илјади припадници на силите за безбедност во униформа и во цивил од педесетина различни служби, вклучувајќи ги тајните служби, националната гарда, ФБИ и слично, ќе бидат распоредени во Вашингтон за време на инаугурацијата.

Таа ќе започне со церемонија на положување на цвеќе на Националните гробишта во Арлингтон, ќе продолжи со положување на заклетва, потоа инаугурациска парада и низа на балови, пред да заврши со миса во Националната катедрала во сабота. Посебно е чувствително положувањето на заклетвата пред западниот дел на Капитол на која што ќе бидат претседателот во заминување и новиот претседател, како и најголемиот дел од конгресмените.

Сите тие ќе бидат заштитени со непробојни стакла, а на покривите ќе патролираат снајперисти. ФБИ ќе поседува радијациски, хемиски и биолошки детектори во подрачјето, а традиционалната парада ќе биде голем испит за безбедносните служби.

Претседателот Џими Картер ги изненади сите кога одеше низ целата траса од 1,8 километри во 1977-ма година. Од тогаш претседателите се движат само по еден дел, но и тоа е доволно за сите припадници на безбедносните служби да се активираат. Безбедносните служби очекуваат помеѓу 700 и 900 илјади луѓе на инаугурацијата, вклучувајќи и најмалку 99 групи кои ќе протестираат.

Центарот на Вашингтон од седум квадратни километри ќе биде отсечен за сообраќај, а сите кои што ќе влегуваат во зоната пешки ќе бидат прегледувани. За да биде спречен напад со камион, американските власти околу зоната имаат поставено бетонски бариери, камиони натоварени со цемент, автобуси и други тешки возила.

Пописот на забранети предмети е долг и вклучува користење на било какви спрејови, балони, велосипеди, стаклени шишиња, стапчиња за селфи, ранци, ласерски покажувачи, а дозволено е користење на мобилни телефони и мали ранци. Можат да се носат протестни натписи, но без нивните држачи и по строго пропишани димензии.

На небото над Вашингтон секако забрането е користење на дронови, а ако некој се појави на небото, Џонсон вели дека „имаат технологија која што ќе се погрижи за тоа“.

Коментари

Популарно