Колку пари заработува Червар како селектор на Македонија?

По завршувањето на светското ракометно првенство во Франција, светските медиуми ги открија платите на селекторите на репрезентациите кои учествуваа на истото.

Очекувано е на врвот на оваа листа да биде предводникот на катарската репрезентација, Валеро Ривера кој застана на чело во 2013 година. До 2015 година ја направи конкурентна на Мундијалот, на кој беа домаќини. Шпанецот заработува неверојатни 800.000 евра годишно, а досега на Катар му има донесено сребро и пласман во четвртфиналето на овогодишното СП во Франција, исфрлајќи го европскиот шампион Германија.

Исланѓанецот, Дигур Сигурдсон, кој ја предводеше германската репрезентација, заработи околу 450.000 евра годишно. Но, уште пред почетокот на Мундијалот во Франција, Сигурдсон го најави своето заминување и преселба на клупата на Јапонија за 600.000 евра годишна плата.

Францускиот стратег, Дидие Динар има договор од 250.000 евра, додека предводникот на данската репрезентација, Гудмундур Гудмундсун работи за „минималец“ од 160.000 евра годишна плата. Бившиот тренер на ППД Загреб, Вардар и сегашен предводник на Словенија, Веселин Вујовиќ добива околу 6.000 евра месечно, а за тие пари ѝ донесе бронзен медал од Франција.

Нашиот репрезентативен тренер и предводник на екипата на Металург, Лино Червар има договор од 250.000 евра годишно, за да ги извршува двете работи.

Коментари

Популарно