Пар-непар во Скопје: Се менува законот, но покапува и паркингот

Владата го задолжи МВР, во најбрз можен рок, да направи измени и дополни на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со цел овозможување на спроведување на наредба за ограничување на сообраќајот, односно воведување на мерката пар-непар.

Покрај тоа, Владата на седницата одржана на 15 февруари, ги задолжи сите органи на државната управа, им препорача на агенциите, фондовите, бироата, а им укажа на заводите, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја ограничат (до 50%) употребата на службените возила при надминување на прагот на алармирање при загаден воздух.

Понатаму им препорача на советите на општините и претпријатијата за јавен паркинг, да ја разгледаат можноста за зголемување на цената на паркинг услугата при надминување на прагот на алармирање со што би се стимулирало користењето на јавен транспорт како и друг вид алтернативен превоз.

Владата им укажа на ЈП “Македонски Шуми” во рок од еден месец да изготви и до Владата да достави, анализа за состојбата на дрвната маса која се користи за огрев од домаќинствата во Република Македонија, во однос на процентот на влажност, и во рок од два месеца да изготви и до Владата да достави план за постепено постигнување на стандардот од 20% влажност на дрвната маса која се користи за огрев од домаќинствата во државата.

Коментари

Популарно