Партиски „војник“ гласал за повеќе луѓе!

Набљудувач на една од партиите во селото Симница, пријавил дека околу 9:00 часот се случила тешка повреда на изборниот процес во избирачко место бр.512 во селото.

Според досегашните информации на партијата, едно лице од селото – познат активист на една од партиите, гласал за повеќе лица. Исто така, според досегашните информации од една од партиите, во избирачкото место бр. 531 на еден гласач му биле поделени две гласачки ливчиња за советничка листа.

Според информациите на партијата, активисти од опонентната партија продолжуваат да агитираат и да вршат притисок врз граѓаните во близина на избирачките места. Околу 8:30 часот во непосредна близина на влезот на Средното техничко училиште во Гостивар, каде што се наоѓаат избирачките места 0422, 0423 и 0424, активисти на две од партиите вршеле притисок врз гласачите да гласаат за кандидатот за градоначалник од нивните редови.

Од партијата велат дека забележале неправилности и во близина на ОУ “Исмаил Ќемали“ каде се наоѓаат 6 гласачки места.

Сите неправилности се пријавени во ОИК – Гостивар, а известена е и Набљудувачката мисија на ОБСЕ – ОДИХР.

Коментари

Популарно