Денеска почнува Вевчанскиот карневал !!!

Денес во Вевчани започнува Вевчанскиот карневал. Мотото на овогодинешната манифестација е "Биди и ти вистински василичар".  Се смета дека оваа манифестација е стара повеќе од 1.400 години и е интересен спој меѓу паганското и современото.

За годинава се најавува богата програма со културно-забавни содржини и за најмалите, а главен адут на манифестацијата ќе биде гостопримството.

Организаторите најавуваат музичка програма, најбогата во историјата на карневалот.

Новина е и изложбата на карикатури, вели уметничкиот директор Мишо Китановски, на која ќе биде презентиран избор од дела пристигнати на првиот распишан конкурс. Целта е да се востанови Вевчанска галерија на карикатури. Најдобрите карикатури ќе бидат наградени со златна, сребрена и бронзена маска.

Предвидени се и пет точки, односно куќи на гостопримство во кои посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети, детско василичарско катче за изработка на маски, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва, промоција на аудио ЦД, изложба на фотографии, промоција на книга, се само дел од активностите со кои Вевчанци и нивните гости ќе бидат анимирани во карневалските денови.

Коментари

Популарно