На денешен ден, пред дваесет и две години, секој Македонец беше горд и плачеше од радост, затоа што женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров ја донесе првата европска титула во нашата земја, откако го крена престижниот пехар во Лигата на шампионите. На 19 мај, 2002 година, Кометалки во мечот за титула го совладаа Херц (26-22) и направија секој човек од нашата земја да слави, без разлика дали е вистински вљубеник во ракометната топка или пак не.
Се присетуваме на последните минути од финалниот натпревар:
Дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров во финалето во „Кале“ беа Луминица Дину, Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ, Оксана Плошчиска, Ирина Калиниченко, Анжела Платон, Милева Велкова, Олга Бујанова, Мирјана Чупиќ, Андријана Будимир, Лариса Ферзалиева, Ања Андрушченко, Наталија Малахова и Елена Златановска.
Дваесет и две години подоцна, Македонија има ракометни тимови со кои се гордее. Ама енергијата која ја предизвика Кометал ЃП во нашата земја - засекогаш ќе се памети. Орото кое се виеше на „Македонско девојче“, како и скоковите од радост на „Кометал шампионе“, засекогаш ќе останат врежани длабоко во македонската спортска историја.