Како „газат“ големите ланци на супермаркети?

„КАМ Маркет“ лани оствариле 1 милијарда денари поголем приход од продажба од најголемиот ривал „Тинекс маркети“, компанијата што неколку години наназад беше најголем малопродажен ланец во земјава

„Кам Маркет“ е најголемиот македонски ланец на супермаркети според приходите од продажба кои лани, според официјалните податоци на Централниот регистар на Македонија (ЦРМ) надминале 7 милијарди денари односно изнесувале 114,7 милиони евра. Со овој резултат „КАМ Маркети“ го симна долгогодишниот лидер на ранг листата „Тинекс маркети“ кој лани имаше приход од продажба во износ од 5,95 милијарди денари односно безмалку 100 милиони евра.

Во големата тројка е и „Веропулос“ кој лани оствари приходи од продажба во износ од 4,8 милијарди денари односно околу 80 милиони евра. Во голема меѓусебна конкуренција се уште три значајни ланци маркети од кои два се многу присутни во централна и во источна Македонија, тоа се „КИТ –ГО “ и „Жито Маркети“, а „Стокомак“ е сконцентиран на Скопје.

Од овие три ланци за нијанса најголем промет има велешки „Жито Маркет“ и тој изнесува 2,93 милијарди денари, „КИТ ГО“ оствари приход од 2,84 милијарди денари, а „Стокомак“ остварил приход од продажба во износ од 2,83 милијарди денари. На нашата ранг листа, составена од официјалните податоци од ЦРМ, се наоѓа уште скопската компанија „Гранап“ која е најмала во оваа групација и има приход од продажба во износ од 224,8 милиони денари

„КАМ“ има најголем раст на приходи, „Веро“ има најголема добивка

„КАМ Маркет“ и штипската компанија „КИТ ГО“ имаат најголем раст на приходите од продажба што значи дека направиле најголема пенетрација и освојување нови пазарни позиции. Сепак резултатот на „КИТ ГО“ е позначаен ако се анализира од аспект на процентуален раст на приходот. „КАМ Маркет“ имаат раст од 830 милиони денари, но тоа на приходот од 2016 година е раст од 13,2 отсто, а кај „КИТ ГО“ растот изнесува 40 отсто, а во апсолутни бројки е 810 милиони денари. 

Добивката на „Веропулос“ маркетите е најголема во однос на конкуренцијата. Таа изнесува 567,9 милиони денари, бележи мал раст во однос на лани, а е 11,8 отсто од целиот приход на продажба лани. „КИТ ГО“ има втор најголем коефициент добивка/приход од продажба и тој изнесува 4,3 отсто, „Стокомак“ и „Тинекс“ имаат коефициент добивка/приход од продажба кој изнесува 4,1 отсто.

Историската одлука на Вол Стрит: Првпат одобрени фондови кои инвестираат во биткоин

Американската Комисија за хартии од вредност по првпат одобри фондови со кои се тргува на берза, а кои директно инвестираат во биткоин.

Овој потег, кој беше најавен како значаен настан за секторот на дигитални средства, ќе го прошири пристапот до најголемата криптовалута на Вол Стрит и пошироко.

Тоа доведе до зголемување на вредноста на оваа валута.

Вредноста на биткоинот се зголеми веднаш по возбудата околу зголемената веројатност за одобрување на средствата, скокајќи за речиси 200 отсто од почетокот на минатата година, иако биткоинот останува околу 30 отсто под својот врв постигнат за време на бумот во 2021 година.

Цената на биткоинот е главно стабилна по објавувањето на одобрувањето на новите фондови, тргувајќи го близу највисокото ниво во последните две години од околу 46. 000 долари.

Регулаторите ги одобрија сите 11 апликации што чекаат за биткоин ETF, вклучувајќи ги BlackRock, Grayscale и Fidelity. Тие можат да започнат со тргување уште денеска.

Бизнис елитата од Македонија и Бугарија се собра во Скопје

Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра. Во 2022 година, годишната двонасочна трговија надмина 1 милијарда евра.

Со цел оддржување и подобрување на меѓусебната соработка на компаниите, сопственици, директори, како и видни претставници на фирмите од двете земји во четвртокот во хотелот Александар Палас разменија искуства и можности за идна соработка.

 Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои го основаа, развиваа и зајакнаа МБСК. Тој изрази надеж дека со нејзината амбициозна програма новоизбраната претседателка на МБСК Билјана Митева ќе ја направи институцијата „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Митева во говорот на настанот посочи: „Имам голема одговорност бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година има многу успешни проекти. За да истите бидат надминати ќе биде потребна поголема соработка меѓу бизнисите и јавните институции во нашите две земји и што поскоро да се отстранат сите бариери за бизнисот“.

Шефот на трговската служба на бугарската амбасада Красимир Драгнев на состанокот рече дека на 7 декември во Софија ќе се одржи бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двата соседи. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје. Ја отворија тогашните министри за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.

Овој пат, МБСК ќе биде главниот партнер во составувањето на деловната делегација од Северна Македонија.

Цените на нафтата на светско ниво паднаа втора недела по ред

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи не е нарушена понудата од Блискиот Исток, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 5,9 отсто, на 80,50 долари.

Конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел досега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток. „Нафтениот пазар ќе внимава на знаци на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на границата со Либан, со оглед на честите напади на Хезболах“, рече Фиона Цинкота од Сити Индекс.

Доколку конфликтот се прошири во регионот, може да дојде до прекин на испораките на нафта . Но, тоа сè уште не е случај. „Конфликтот во моментов е на втор план за пазарот бидејќи не влијаеше значително ниту на побарувачката ниту на прекинот на понудата“, вели Џон Килдаф, партнер во Again Capital.

Трговците минатата недела беа фокусирани на монетарната политика. По агресивното зголемување на каматните стапки во последната година и половина, американската централна банка ФЕД, како и британската, минатата недела ги оставија каматните стапки непроменети.

Со оглед на тоа што инфлацијата во западните земји постепено се намалува, на пазарите преовладуваше тезата дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.

Тоа ги поддржа цените на нафтата во средината на неделата, но подоцна цените паднаа бидејќи низа податоци покажаа дека растот во најголемите светски економии забавува, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.

Така, извештајот, објавен во петокот, покажа дека вработеноста во САД ослабела во октомври, додека платите пораснале помалку отколку во септември, што најавува слабеење на побарувачката.

Ова го најавуваат податоците кои укажуваат на забавување на растот на економијата на еврозоната.

Трговците беа загрижени и од неочекуваниот пад на активноста во кинеската индустрија во октомври. И низа други податоци покажаа дека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот , расте побавно од проценетото. По минатонеделниот пад на лондонскиот пазар, цената на барелот сега е во минус во однос на почетокот на годината за околу 1 отсто, додека на американскиот пазар се уште е во плус, но само околу 0,3 отсто.

Популарно