Царовска: Дел од мерките од третиот сет ќе почнат да се имплементираат од јуни

Владата ќе подготви законска рамка или уредби за континуирано спроведување на сите нови мерки од третиот сет, од кои дел ќе почнат да се имплементираат од јуни, најави денеска вицепремиерката задолжена за економски прашања и за координација на економските ресори, Мила Царовска при гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

Таа нагласи дека со третиот сет мерки е насочен да ја поттикне економијата, да се поддржи и стимулира личната потрошувачка и да им се помогне на најпогодените компании, пред се хотелите и рестораните.

– Личната потрошувачка има големо влијание во економијата, утврдуваме дека парите на граѓаните, парите кои се вбризгуваат во семејствата, нивните приходи, дефинитивно влијаат за развојот на економијата. Важно е што дел од овие мерки од третиот сет одат и директно во компаниите и се наменети за нивна поддршка. Оние компании што се занимаваат со туризам, најпогодените, како хотелите и рестораните, туристичките агенции, кај нив, исто така, вбризгуваме одредени средства кои треба овој сектор да го вратат во живот, посочи Царовска.

Таа истакна дека првите два сета мерки беа наменети за задржување на работните места, а третиот пакет треба да ги поттурне компаниите кон развој, со цел во 2021 да имаме поблаги ефекти.

– Првите два пакета даваат одлични ефекти. Во однос на компаниите за финансиска поддршка, 16.546 компании влегле во системот, тоа се над 100.000 вработени, истакна Царовска.

Вицепремиерката потенцира дека во делот на кредитирање, во рамки на КОВИД 1 линијата, се поднесени 738 барања за кредитирање, од кои 51 отсто се угостители, а 43 отсто транспорт.

– За гарантиран приход граѓаните поднеле 4.500 барања, а 5.000 барања се за надомест во случај на невработеност. Два пати неделно правиме состаноци со инспекциите за овие средства и следиме дали и каде се прекршувањата. Слабост може да биде само бројката на луѓе кои сме ги димензионирале, а не влегле во системот. Но, тоа зависи од компаниите кои аплицирале, додаде Царовска.

Коментирајќи ги обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека овие мерки претставуваат изборен поткуп, Царовска истакна дека главна работа на Владата е да се соочува и да работи на справување со кризата и дека опозицијата секогаш ќе наоѓа забелешки без разлика дали има основа.

– Доколку не понудевме мерки за граѓаните и компаниите прашањата ќе беа насочени зошто не го правиме тоа. А ако ги поддржуваме, опозицијата ќе негодува на тоа, посочува Царовска.

Во врска со терминот за парламентарните избори вицепремиерката посочи дека Владата го почитува ставот на здравствените експерти, кои велат дека сега има поволни услови за спроведување на гласање, бидејќи од септември, со отворањето на границите и враќањето во училиштата, се очекува нов бран на Ковид-19.

– Ако Собранието не е тука да ја контролира Владата, недостасува алка од системот, така сме послаби како држава. Сметам дека сите треба да ја гледаме пошироката слика, да не се загуби системот. Нас не ни е едноставно да носиме уредби, туку треба да се носат закони. Нас ни треба целосно функционален систем. Избори што поскоро за Влада со политички мандат, потенцира Царовска, која очекува иновативни предизборни кампањи, во согласност со здравствените протоколи.

Историската одлука на Вол Стрит: Првпат одобрени фондови кои инвестираат во биткоин

Американската Комисија за хартии од вредност по првпат одобри фондови со кои се тргува на берза, а кои директно инвестираат во биткоин.

Овој потег, кој беше најавен како значаен настан за секторот на дигитални средства, ќе го прошири пристапот до најголемата криптовалута на Вол Стрит и пошироко.

Тоа доведе до зголемување на вредноста на оваа валута.

Вредноста на биткоинот се зголеми веднаш по возбудата околу зголемената веројатност за одобрување на средствата, скокајќи за речиси 200 отсто од почетокот на минатата година, иако биткоинот останува околу 30 отсто под својот врв постигнат за време на бумот во 2021 година.

Цената на биткоинот е главно стабилна по објавувањето на одобрувањето на новите фондови, тргувајќи го близу највисокото ниво во последните две години од околу 46. 000 долари.

Регулаторите ги одобрија сите 11 апликации што чекаат за биткоин ETF, вклучувајќи ги BlackRock, Grayscale и Fidelity. Тие можат да започнат со тргување уште денеска.

Бизнис елитата од Македонија и Бугарија се собра во Скопје

Бугарија е петтиот најважен трговски партнер на Северна Македонија и нејзина втора најважна извозна дестинација. Бугарските директни инвестиции во државата изнесуваат вкупно 270 милиони евра. Во 2022 година, годишната двонасочна трговија надмина 1 милијарда евра.

Со цел оддржување и подобрување на меѓусебната соработка на компаниите, сопственици, директори, како и видни претставници на фирмите од двете земји во четвртокот во хотелот Александар Палас разменија искуства и можности за идна соработка.

 Бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов им се заблагодари на генерациите активисти кои го основаа, развиваа и зајакнаа МБСК. Тој изрази надеж дека со нејзината амбициозна програма новоизбраната претседателка на МБСК Билјана Митева ќе ја направи институцијата „поживописна, подинамична и многу поотворена за сите економски субјекти, што ќе ги зајакне односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Митева во говорот на настанот посочи: „Имам голема одговорност бидејќи Македонско-бугарската стопанска комора која постои од 2011 година има многу успешни проекти. За да истите бидат надминати ќе биде потребна поголема соработка меѓу бизнисите и јавните институции во нашите две земји и што поскоро да се отстранат сите бариери за бизнисот“.

Шефот на трговската служба на бугарската амбасада Красимир Драгнев на состанокот рече дека на 7 декември во Софија ќе се одржи бугарско-македонски бизнис форум на иницијатива на министерствата за надворешни работи на двата соседи. Сличен настан минатата година се одржа во Скопје. Ја отворија тогашните министри за надворешни работи Николај Милков од Бугарија и Бујар Османи од Северна Македонија.

Овој пат, МБСК ќе биде главниот партнер во составувањето на деловната делегација од Северна Македонија.

Цените на нафтата на светско ниво паднаа втора недела по ред

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, вторпат по ред, бидејќи не е нарушена понудата од Блискиот Исток, а побарувачката може да падне поради слабоста на најголемите светски економии.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 6,2 отсто, на 84,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 5,9 отсто, на 80,50 долари.

Конфликтот меѓу палестинската организација Хамас и Израел досега не го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот Исток. „Нафтениот пазар ќе внимава на знаци на ескалација на тензиите на Блискиот Исток, особено на границата со Либан, со оглед на честите напади на Хезболах“, рече Фиона Цинкота од Сити Индекс.

Доколку конфликтот се прошири во регионот, може да дојде до прекин на испораките на нафта . Но, тоа сè уште не е случај. „Конфликтот во моментов е на втор план за пазарот бидејќи не влијаеше значително ниту на побарувачката ниту на прекинот на понудата“, вели Џон Килдаф, партнер во Again Capital.

Трговците минатата недела беа фокусирани на монетарната политика. По агресивното зголемување на каматните стапки во последната година и половина, американската централна банка ФЕД, како и британската, минатата недела ги оставија каматните стапки непроменети.

Со оглед на тоа што инфлацијата во западните земји постепено се намалува, на пазарите преовладуваше тезата дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен.

Тоа ги поддржа цените на нафтата во средината на неделата, но подоцна цените паднаа бидејќи низа податоци покажаа дека растот во најголемите светски економии забавува, што ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.

Така, извештајот, објавен во петокот, покажа дека вработеноста во САД ослабела во октомври, додека платите пораснале помалку отколку во септември, што најавува слабеење на побарувачката.

Ова го најавуваат податоците кои укажуваат на забавување на растот на економијата на еврозоната.

Трговците беа загрижени и од неочекуваниот пад на активноста во кинеската индустрија во октомври. И низа други податоци покажаа дека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот , расте побавно од проценетото. По минатонеделниот пад на лондонскиот пазар, цената на барелот сега е во минус во однос на почетокот на годината за околу 1 отсто, додека на американскиот пазар се уште е во плус, но само околу 0,3 отсто.

Популарно