Денес е Велика Сабота - денот меѓу смртта и воскресението

Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Овој е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, Го оплакувале Господа Исуса Христа. Денес се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. За нас, па, ова е ден за сози на љубовта и благодарноста.

Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението, и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението. Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение. Смртта не може да Го задржи самиот Живот – Животодателот. Саботата е денот кога, во почетокот, Бог, откако го завршил создавањето на светот и човекот, видел дека е сè добро и се успокоил, се одморил, отпочинал и овој ден станал ден на покојот. Исто така и Христос го завршил Своето богоспасително дело до Петокот попладне и во Саботата, успокоен, во божествен покој лежел во гробот, заспан во смртен сон. Велиме заспан, затоа што и Он така рече за умрената девојка која ја воскресна од мртвите, а на луѓето што плачеа им рече: „Девојката не е умрена, туку спие“ (Матеј 9, 24; Марко 5,39; Лука 8,52). 

Велика Сабота е крајот на празничноста на саботата, оттогаш престанува саботата да биде основниот празник, бидејќи потоа ќе се празнува неделата – денот на Воскресението и спасението, денот на христијанството и на новата ера, денот по Христа. Денес одбележуваме три вашни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот, чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот. Богослужбата е поврзана со содржините од Библијата. Најпрво, пред плаштаницата, се читаат текстови од пророкот Језекиил: пророштвото за воскресението од мртвите (Језек. 37,1-14), а по нив, Апостолот ни кажува за тоа дека треба да го отфрлиме стариот квас, „оти Христос, Пасхата наша, се закла за нас“ – „Христос нè искупи од клетвата на Законот“ (1. Кор. 5,6-8; Гал. 3,13-14) и најпосле, Евангелието говори за запечатувањето на гробот и поставувањето стража (Матеј 27,62-66). На Литургијата, пак, се чита Евангелието за Христовото воскресение (Матеј 28,1-20) и богослужбено оттогаш започнува Воскресението.

Во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов, катагодина се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму) го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста. На трпезата строг пост. Велика Сабота е единствената сабота во годината, кога постот е строг и не се јаде зејтин. Но, за поткрепа на оние што се на целодневната молитва, допуштено е и вино.

Чуда се случуваат на денот на Св.Василиј Острошки

Православната црква и верниците во недела го прославуваат Свети Василиј Острошки, големиот чудотворец чии чудотворни дела се познати насекаде.

Уште поголемо чудо и доказ за светоста на Василиј е чудотворната моќ на неговото тело.

Тој, кој во својот земен живот личел повеќе на ангел отколку на човек, го воздигнал својот дух до престолот Божји, а своето тело го обесмртил. Тоа свето тело за време на земското живеење било храм на светиот дух, а по разделувањето со душата, станало ризница на благодети.

Не можат да се набројат разните чудесии, кои Господ преку него ги правел и кои секој ден ги прави и покажува над секој оној кој доаѓа да побара помош од овој голем светец и учител, двигател на православната вера.

Многумина веруваат дека ако се заречат дека на овој ден ќе одат на Духовден во манастирот Острог, нивната болест или болеста на некој нивен близок ќе исчезне „како однесена со вода“. Ако одлучите да побарате помош од овој светец од утре мора да почнете со строг пост, кој ќе трае се додека на Духовден не одите на Острог и таму се причестите.

Доколку познавате личност која се подготвува за вакво патување, треба да и однесете масло, темјан и памук да ги однесе со себе и да ги стави таму да преноќат.

Често се случува ова да го прават и муслиманите и католиците, бидејќи на овие простори сите се уверени во големата чудотворна моќ на Свети Василиј, па се верува дека таму преноќат маслото, памукот и темјанот, се лечат сите болести.

Денеска е Балаклија: И болните може да се излечат

Источен петок – Балаклија

Се слави во петокот на Светлата седмица. Во Цариград во V век, во близина на таканаречената „Златна Порта“ постоело место полно со кипариси и чинари, уште одамна посветено на Пресвета Богородица. Во шумичката постоел извор, исто така одамна познат како источник на чуда. Со текот на времето местото обраснало со грмушки, а водата исчезнала во калта. Само влажноста на земјиштето навестувала дека постои извор. Еднаш војникот Лав Маркел минувајќи низ тоа место наишол на беспомошен патник, слеп човек кој го беше загубил патот не можејќи да се снајде. Лав му помогнал да се врати на патеката, и го одведел човекот, ослабен заради истоштеноста, под сенка да се одмори, а тој, пак, тргнал во потрага по вода за слепиот. Одеднаш слушнал глас кој му велел: „Лав, не барај вода некаде далеку. Таа е тука блиску.“ Лав, вчудоневиден од таинствениот глас, почнал да бара наоколу, но вода не можел да најде. Додека стоел така, натажен и замислен, истиот глас повторно му се обратил: „Цару Лав! Појди во сенката на шумичката, нацрпи од водата што ќе ја најдеш таму и подај му од неа на жедниот. Стави му врз очите од калта во изворот. Тогаш ќе узнаеш Која сум Јас, Која е Таа што толку долго време го благословува ова место. Набргу ќе ти помогнам да подигнеш тука црква со Моето име и на сите што ќе притекнат овде и со вера ќе Ме повикаат ќе им бидат услишани молитвите и потполно ќе се исцелат од нивните болести“. Лав поитал кон назначеното место, зел кал од изворот и ја ставил врз очите на слепиот, давајќи му и вода да се напие, и на овој веднаш му се вратил видот. Без водач тој пристигнал во Цариград, славејќи ја благодатта на Пресветата. Овој настан се случи за време на цар Маркијан (391-457). Царот Маркијан го наследил Лав Маркел (457-473). Тој го запамтил јавувањето на Пресветата и наредил изворот да се исчисти од тињата; изградиле насип за да се оддели овој од другите извори во близината, а водата ја затвориле во голем тркалест камен базен, над кој изградиле црква посветена на Пресвета Богородица. Царот Лав го нарекол изворот „Животодавен Извор“, зашто таму била објавена чудотворната благодат на Пресветата. Стотина години по Маркијан, владеел царот Јустинијан Велики (527-565), човек длабоко посветен на православната вера. Многу време тој страдал од водена болест, не наоѓајќи помош кај лекарите и сметајќи се себеси веќе за осуден на смрт. Еднаш на полноќ тој слушнал глас: „Ти, цару, нема да оздравиш с? додека не се напиеш од Мојот извор.“ Царот не знаел за кој извор му зборувал гласот, та паднал во очајание. Тогаш, дента, Богородица му се јавила велејќи му: „Стани, цару, појди до Мојот извор и напиј се од него, па ќе бидеш здрав како порано.“ Болниот ја послушал Пресветата Владичица. Го нашол изворот, се напил од неговата вода и наскоро му се повратило здравјето. Во близина на црквата изградена од Лав, благодарниот цар подигнал нова велелепна црква, каде што подоцна бил основан голем манастир. Во петнаесеттиот век царскиот град паднал во рацете на муслиманите. Прочуената црква на Животодавниот Извор била уништена, а градежниот материјал бил употребен за изградба на џамија на султанот Бајазит. Местото каде што порано стоела црквата било покриено со земја и кршен камен, така што и од самите нејзини темели немало трага. Прекрасната околина била претворена во муслимански гробишта. Турската стража, поставена при урнатините на црквата, им забранувала на христијаните не само да се собираат на тоа место, туку дури и да пријдат таму. Со текот на времето забраната станала не толку строга и на христијаните им било дозволено да направат малечка црква на тоа место. Но, во 1821 г., и таа била урната, а самиот извор бил затрупан. И повторно христијаните ги расчистиле урнатините, го откопале изворот и повторно црпеле вода од него. Дури и при овие остатоци од некогашното величествено свето здание, Пресветата, како и порано, со Својата благодат им помагала на оние што притекнувале при Неа. Подоцна, меѓу скршените парчиња кај еден од прозорите била пронајдена, веќе полураспадната од времето и влагата, плоча на која биле запишани 10 чуда што се беа случиле при Животодавниот Извор меѓу 1824 и 1829 година. За времето на владеењето на султанот Махмуд, православните добиле малку слобода за извршување на богослужбите. Тие го искористиле ова да подигнат, по трет пат, црква над Животодавниот Извор. Во 1835 г., со големо велелепие, Вселенскиот патријарх Константин, во сослужение со 20 епископи и во присуство на мноштво верници, ја осветил црквата којшто и до ден денес стои. Во близина била изградена болница и прифатилиште за сиромашни. Дури и муслиманите зборуваат со голема почит за Животодавниот Извор, како и за Богородица, Која преку него ја излева Својата благодатна моќ. „Голема меѓу жените Света Марија“, вака тие зборуваат за Пресветата Дева. Водата од Животодавниот Извор ја нарекуваат „вода на Светата Марија“. Невозможно е да се наведат сите чуда источени од Животодавниот Извор преку кои беше излеана благодат врз цареви, патријарси, врз големци како и врз обични луѓе. Силата на благодатта до денешен ден дејствува преку изворската вода. Таа сила лично ја имаат доживеано не само православни христијани, туку и католици, Ерменци, па дури и Турци.

Кондак

Богоблагодатна Дево, од Твојот извор кој тече непрестајно, Ти ми даваш вода од Твојата благодат неискажливо. Затоа Ти се молам Тебе, Која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да Ти повикувам: Радувај се, водо спасителна!

Светиот апостол Симеон

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострада имаше над сто години. Неговото страдање стана вака: во времето на царот Трајан беше покренато двојно гонење во Палестина – на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвинија Симеон како оној којшто им припаѓа и на едните и на другите. Свети Симеон претрпе големи маки и најпосле го распнаа на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужи на земјата.

Тропар

Тебе, свештеноначалнику Симеоне, и цврст маченику, ние те славиме свештено како близок Христов роднина, којшто ја уништи заблудата, и ја сочува верата. Поради тоа, празнувајќи го денес твојот сесвет спомен, примаме прошка на гревовите, по твоите молитви.

Кондак

Имајќи го богоглаголивиот Симеон како преголема ѕвезда, денес Црквата болска од светлина, повикувајќи: Радувај се, чесен венецу на мачениците.

Преподобен Стефан епископ Владимирски

Ученик на Св. Теодосиј Печерски. Едно време беше игумен на Печерската Лавра. Многу се потруди околу благочиното устројство на монашкиот живот и околу украсувањето на црквите. Но ѓаволот распали кај монасите злоба против него, па не само што го симнаа од игуменството туку и го протераа од манастирот. Бог Кој не ги остава праведниците под долга пониженост од неправедните, го упати животот на преподобниот Стефан така што го избраа за Владимирски епископ. Управуваше со Црквата како Божји архиереј до неговата старост. Мирно се упокои во Господ во 1094 година.

Тропар

Поучувајќи се од Пастироначалникот, ти блажен епископе, не даде на челадта наместо леб – камен, наместо риба – змија; туку трпеливо чекаше секој блуден син да се врати при Твојот и нашиот Бог пред Кого, о Стефане, постојано се молеше за спасение на заблудените. Затоа и сега за нас пред Него застапи се, ти кој венец невенлив носиш на небесата.

Преподобен Јован Исповедник

Игуменот на обителта на Чистите (Катари). Оваа обител беше устроена близу Никеја во времето на царот Јустин, во 6 век. Свети Јован многу пострада од царевите Лав и Теофил во одбрана на иконопочитувањето и заврши во прогонство околу 832 година.

Тропар

Непоколеблив војник против лагата на овој свет, Јоване преподобен оче наш, непомирлив остана докрај на животот земен, исповедајќи Го Христа и Иконата, пред зловерието на цареви и отпадници црковни. Спасителот благодат дарувајќи ти во подвигот храбар, молитвите твои при мачењата ги прими за целиот род човечки, кој денес чествување и поклонение ти принесува.

Сите ја знаат „Ѓурѓовден“, но малкумина ја знаат тажната вистина за песната

Православните верници денес го прославаат Ѓурѓовден- празникот врзан со најголем број обичаи што постојат во народното верување.

Песната Ѓурѓовден била создадена во возот на смртта кој патувал од Сараево до Јасеновац.

Затворениците во вагони без храна и вода почнале да паѓаат во криза од страв и несигурност. Во општиот хаос еден од нив за кој се вели дека бил член на Сараевска „СЛОГА“ од гордост и инает, запеал… Ова е тврдење на новинарот Вукашин Беатовиќ.

Еве како оди приказната: Мај шести во 1942 година– студено утро во Сараево. Полицајците им наредиле на ИТЗ да ги подготват заробените Срби. Во четири часот наутро во градот колони на затворениците од Јајце касарната и другите затвори ги собрале на железничката пруга во Сараево.

Колоната била околу три илјади претежно млади луѓе. Меѓу нив и домаќини заедно со нивните синови, како и муслимани кои ги поддржувале Србите или се изјасниле како Срби. Чуварите извикувале „Како сте Срби? Ве носиме на бесплатна екскурзија во Јасеновац”.

Возот на свети Ѓорѓија од Сараево отиде во Јасеновац. По патот затворениците во вагоните без храна и вода почнале да паѓаат во криза на страв и несигурност.

Во општиот хаос еден од нив запеал „Пролече на моје раме слече – џурџевак зелени – свима осим мени“.

Поради песната чуварите ги затвориле вратите од вагоните, а затворениците останале без воздух во тесните вагони стиснати еден до друг. Од три илјади колку што тргнале од Сараево до Јасеновац стасале само две илјади, а стотина од нив успеале да ја преживеат тортурата. Благодарение на преживеаните денес се знае за овој настан.

Под импресија на оваа приказна, Горан Бреговиќ ја направил песната „Ѓурѓовден“. Песната оттогаш стана глобален хит која се пее на повеќе јазици. Но, многу малку денес знаат за позадината на оваа песна, за возот на смртта и судбината на овие луѓе.

Популарно