Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиевски е уверен дека до следната сесија во февруари Охридскиот регион ќе ја надмине опасноста да биде ставен на листата на загрозено светско природно и културно наследство и најавува уривање на дивоградбите, но и ревизија на регистарот со дивоградби.

Тој се уште нема одговор колку дивоградби во заштитените зони треба да се урнат, колку од нив се во процес на легализација, ниту има јасна слика за кои од нив ќе одлучува општината, а за кои Министерството за животна средина со чие мислење може да се легализира бесправна градба во заштитено подрачје.
Во разговорот за „Слободен печат“ тој меѓудругото најавува и дека градежната инспекција ќе ја урне пицеријата „Луна“ која бесправно ја изгради советникот од ДУИ, Нефи Усеини веднаш до чинарот, но не го коментира однесувањето на локалните моќници.
– Во врска со угостителскиот објект „Луна“, градежниот инспектор има направено записник и решение за уривање, бидејќи инвеститорот нема дозвола за градење. Со овој објект ќе се постапува согласно законските процедури за бесправно изградени објекти. Со ребалансот на Буџетот за 2019 година, што го донесе Советот на 10 јуни во програмата за уредување на градежно земјиште се предвидени 1,5 милион денари за ставката за рушење на нелегално изградени објекти. По ангажирањето на фирма за уривање општината ќе почне да постапува по изготвените решенија.
Целото интервју можете да го прочитате на Слободенпечат.мк