Видео: Мадона одржа концерт во Рио, пред 1,6 милиони луѓе

Американската пејачка Мадона (65) синоќа одржа бесплатен концерт во бразилскиот град Рио де Жанеиро, претворајќи ја прекрасната плажа Копакабана во огромен подиум за танцување, пишува „Асошиејтед прес“. Тоа беше последното шоу од нејзината концертна турнеја „The Celebration“, која започна во октомври минатата година, со концерт во Лондон, Велика Британија.

Таа го започна концертот со песната „Nothing Really Matters“ од 1998 година, а милионската публика ја поздрави со овации.

„Вечерва сме на најубавото место на светот. Ова место е магија“, изјави пејачката, гледајќи кон океанот, планините и статуата на Исус Христос во Рио.

Мадона ги изведе своите најголеми хитови, вклучувајќи ги „Like A Virgin“ и „Hung Up“. За воведот во „Like a Prayer“, нејзината глава беше целосно покриена со црна наметка, со бројаница во рацете.

Ѕвездата им оддаде емотивна почит на оние кои починаа од СИДА додека ја пееше „Live to Tell“, а зад неа беа прикажани црно-бели фотографии од луѓе кои умреле од болеста.

Подоцна, на сцената ѝ се придружија бразилските уметници Анита и Пабло Витар.

Рио де Жанеиро ги помина последните неколку дена подготвувајќи се за настапот.

Се проценува дека 1,6 милиони луѓе присуствувале на шоуто, објави „G1“, повикувајќи се на агенцијата за туризам на Градското собрание на Рио. Тоа е повеќе од 10 пати повеќе од рекордната посетеност на Мадона од 130.000 луѓе на парискиот Парк де Ско во 1987 година.

Коментари

Популарно