Доктор Беќаровски ја поздрави својата „скопска “ генерација: Бевме среќна генерација која...

Познатиот доктор Нико Беќаровски кој е гласен за голем број општествени проблеми и теми, овој пат објави емотивен статус за Скопје некогаш.

Со неговата објава на Фејсбук упати поздрав до сите од неговата генерација кпи може да се пронајдат и да ја преживеат секоја негова реченица! 

Статусот на Беќаровски ви го пренесуваме во целост: 

Бевме среќна генерација која често ги посетуваше возчето, авиончињата и колите кои се удираа во "Луна Парк" 

Бевме среќна генерација која пред зградите играше "народна" "камај", "жмурки", "џамија", "џамлии", "ластик", баскет, фудбал, пинг понг, сервис.

Бевме среќна генерација која научи да плива во "СРЦ Сарај", "СРЦ Кале" и "СРЦ Езеро Треска".

Бевме среќна генерација која имаше бели и црни лизгалки и цела зима под Кале лизгаше со топло чајче.

Бевме среќна генерација која со црвено-црниот шал одеше на Градски стадион, а во монтажната сала на РК Работнички гласно навиваше "Буштур мајсторе".

Бевме среќна генерација која секоја вечер грицкаше семки пред "Ванила" и гордо шеташе со тост сендвичот од "Чичко Стоилко".

Бевме среќна генерација која често одеше да гледа филмови од 10 часот наутро во кино Вардар 1 и 2, Култура, Центар, Напредок, Бутел, Карпош, Драчево, Бамби.

Бевме среќна генерација која одеше на доброволни работни младински акции, за да ја градиме Татковината.

Бевме среќна генерација која се возеше со градски автобуси и секогаш го отстапување седиштето на возрасните.

Бевме среќна генерација која ги прочита сите книги од светската белетристика.

Бевме среќна генерација која на одмор патуваше со воз, а носеше шатор и вреќа за спиење.

Поздрав до сите кои ја преживеале секоја моја реченица. 

Коментари

Популарно