За утре најавен посебен собраќаен режим

Сообраќајната полиција при СВР-Скопје за утре ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.

Утре од 10 часот па до завршувањето на манифестацијата по повод Водици, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени улиците „Филип Втори“ до булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Кеј 13-ти Ноември“ до булеварот „Кочо Рацин“.

Во општината Ѓорче Петров од 10 часот за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булеварот „Партизански Одреди“, десно по улицата „Ѓорче Петров“, лево по улицата „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата „Демир Трајко“ и лево по улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

Во општина Аеродром од 10 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

За изборите на 8 мај акредитирани 1078 домашни и 770 странски набљудувачи

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8 мај акредитирани се вкупно 1999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу  акредитирани се домашни набљудувачи - 1078. Изборите ќе ги следат и 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани и 85 преведувачи. За известување од изборите, според податоците на Државната изборна комисија, акредитирани се 66 странски новинари. 

Најмногу домашни набљудувачи акредитирало Здружението за развој на општествено -  социјални иновации „ВАКЕ УП“ Скопје - 752, потоа Фондација Ромите за демократија - 151, Цивил - 82, Центарот за безбедносни истражувања - 46, Институтот за меѓународни односи и стратегии Охрид - 20, Националниот ромски центар Куманово - 14, Здружението за промоција и развој инклузива Куманово - 12 и Македонскиот центар за културен развој - еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, најмногу од странските набљудувачи. Парламентарното собрание на ОБСЕ (OSCE PA) има акредитирано 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите американски држави во Скопје - 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа - ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Северна Македонија - 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијативата за дијалог и демократија Силба 30, Централната изборна комисија - Република Косово - 13, Европскиот парламент - 12 и други.

За информирање од изборите се акредитирани и 66 новинари и медиумски работници од најголемите балкански и регионални медиуми, но и од Ројтерс, Асошиејтед прес, Ал Џезира, Франс прес...

Првиот круг од претседателските избори на 24 април го набљудуваа 1601 набљудувач односно 915 домашни и 544 странски набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари. 

Киднапиран, избоден и претепан скопјанец – Еден од напаѓачите негов колега

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица кои како соизвршители се осомничени за кривични дела – Разбојништво од член 237 став 1 и Противправно лишување од слобода согласно член 140 став 5 од Кривичниот законик.

Двајцата се осомничени дека на 23 април противправно лишиле од слобода едно лице, така што го повикале да излезе со изговор дека им е потребна помош, а потоа присилно го внеле во автомобил и се упатиле кон мостот на улицата “Беласица”.

Со возилото управувало трето лице – полициски службеник против кого постапката е издвоена и ќе ја води Одделението за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Додека полицискиот службеник возел, двајцата други осомничени му се заканувале на оштетениот и му нанеле убодни рани со нож во ногата и во рамото. Кога стигнале под мостот, насилно го извадиле од автомобилот и сите тројца физички го нападнале со удари со клоци и тупаници по целото тело, нанесувајќи му тешки повреди.

Му одзеле околу 8.000 денари колку што имал оштетениот со себе во моментот, а потоа го пуштиле да си оди со закана дека доколку до 1 мај не им исплати 10.000 евра ќе го убијат и него и неговиот татко.

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени против кои постапува. Едниот од нив е во бегство и притворската мерка ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Во Чаир нападнато цело семејство, им влегле дома и ги претепале

На 01.05.2024 во 23:00 часот во СВР Скопје, С.С.(28) од Скопје пријавила дека околу 18:30 часот во нивниот дом на подрачјето на Чаир, таа, нејзиниот татко Т.С, нејзиниот чичко Д.С., нејзинатата тетка М.А. и нејзината сестра С.С. биле физички нападнати.

Според пријавата, тие биле нападнати од И.Р., Б.С.,С.С. ,О.С и И.С., сите од Скопје, кои притоа употребиле и тврд предмет.

Се преземат мерки за расчистување на случајот.

Популарно