Во срспската амбасада во земјава отворена е Книга на жалост за загинатите на железничката станица

Книга на жалост е отворена за јавноста во просториите на амбасадата на Република Србија во Скопје, по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, пришто животот го загубија 14 лица.

Книгата на жалост ќе биде отворена до 4 ноември, во период од 12 до 18 часот, информираа од амбасадата.

Српската влада го прогласи денешниот ден за Ден на жалост во Србија.

Меѓу загинатите на железничката станица е и Васко Саздовски од Македонија – 45-годишен научник којшто работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството.

Почина Оливера Николова - „мајката“ на култната „Зоки Поки“

Почина Оливера Николова - македонската писателка најмногу позната по култното дело „Зоки Поки“. 

Таа е писателка за возрасни и за деца и е една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.

Оливера Николова е родена на 11 март 1936 година во Скопје. Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.

Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви. Оливера Николова е писателка која сака секогаш да биде нова, која ја истражува и формата, но која пред сè, реагира на животот и на новините кои се случуваат во него менувајќи го сензибилитетот на современото дете.

И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво, Николова добила бројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овојпат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.

Во октомври 2012 година, за романот „Куќичка“, таа била номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“. Во декември 2013 година, Оливера Николова го одбележала јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објавила избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“. За своето книжевно дело, Николова ги освоила наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, како и „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во февруари 2016 година, за романот „Кадифената покривка“ (издание на „Матица македонска), Николова ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2015 година. Истовремено, романот „Куќичка“ бил објавен на српски јазик, во издание на „Арка“ од Смедерево.

Добитничка е на Орден за заслуги за Македонија во 2024 година. 

Премиерот најави помош за семејството на загинатиот Васко Саздовски во Нови Сад

„Ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката на семејството на загинатиот македонски државјанин во вчерашниот немил настан во Нови Сад“, рече вчера премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање, по надзорот на патниот правец Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10д.

Прашан дали државата ќе му помогне на семејството на загинатиот македонски државјанин, премиерот рече дека уште во текот на вчерашниот ден министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остварил комуникација со неговиот српски колега.

– Во текот на вчерашниот ден се слушнав и комуницирав со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој воспостави комуникација со неговиот колега, работиме и ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката поради овој немил настан, рече Мицкоски.

Меѓу загинатите на Железничката станица во Нови Сад, каде што се урна бетонски покрив од зградата на станицата, се наоѓаше и Васко Саздовски од Македонија.

Популарно