Студентски протести: Кој е во право СТУДЕНТИТЕ или ВЛАДАТА?

Македонците се кроток народ. 530 години под турско ропство му го прават тоа на човек. Затоа во 23 години самостојна држава вчера бевме сведоци само на вторите студентски простести. По 1997 година, 17 години подоцна студентите покажаа дека имаат глас, имаат став и не се плашат гласно да го кажат. Мирен марш, без никакви нереди и проблеми, како во некоја западна држава. Ова е секако за поздравување, без разлика што некои медиуми се обидоа да ја намалат вредноста на овој протест со тоа што ја вмешаа опозицијата во наводна организација на маршот, гласот на судентите и начинот на кој тие гласно го искажаа своето мислење е за едно големо браво. Сепак, тоа што нешто било добро организирано и храбро кажано, не значи дека е правилно, исто како што не значи и дека не е.

dosta-beshe-molk-nema-eksterno-testiranje-vo-visoko-obrazovanie-6-640x425

Факт кој сите го знаат, па и студентите кои вчера протестираа, е дека образовниот систем во Македонија и кадарот кој произлегува од истиот секоја година е се полош. Вината за оваа реалност јас ја лоцирам во Болоњскиот систем и огромниот дел на приватни универзитети, но и во студентите.

1. Огромниот број на приватни универзитети го сруши критериумот дури и на државните. Во борба за поголем број на студенти, приватните универзитети го сведоа паѓањето на испити на 0. Сите ние имаме некој кој работи или студира во овие инситуции и знаеме како таму се полага и кога последен пат некој изгубил година. Тоа секако влијаеше и на криериумот на професорите на државните универзитети, бидејќи ако тиа го задржеа критериумот од пред да речеме 15 години, никој немаше да се запише на Кирил и Методиј.

2. Болоњскиот систем на полагање испити колку и да е европски го уништи нашето образование. Кога јас студирав (а не беше така оддамна) ние полагавме цели испити, усно и писмено, од 300 до 1.000 страни. Сегашните студенти полагаат 50 страни колоквиум на неколку пати и тоа со заокружување и дополнување, а ја добиваат истата диплома! Не треба многу дискусија и објаснување на темава кој кадар е поквалитетен и спремен да учи и по дипломата, а со тоа да се снајде на работната позиција.

3. Вината на студентите за падот на квалитетот и тоа не само на сегашните, туку и на неколку претходни генерации е токму во Бољоњкиот систем и отварањето на огромниот број приватни универзитети. Зошто тогаш не се побунија? Не се сеќавам дека некој студент некогаш се побунил ако му се олеснило студирањето, иако тоа значело дека ќе ми се намали и стекнатото знаење. Па кога сите студенти знаат дека студирањето на повеќето од приватните факултети е рамно на курс, зошто се запишуваат таму? Важно им знаењето или дипломата? Зошто прифатија Болоњски систем на заокружување и дополнување, кога знаеја дека така помалку ќе учат и помалку ќе знаат? Каде беше тогаш „иднината на Македонија“ да го крене гласот? Истите тие кои со години го критикуваат Св Кирил и Методија за низата недоследности и бараа државата да превземе мерки, сега се кријат зад независноста на истиот и кршењето на Уставот на РМ, само за да не бидат изложени на повеќе учење?! Се додека студентите студираат за диплома, а не за знаење, нивниот глас ќе биде сфатен како глас на размазени дечиња.

Ако образованието е столб на иднината на секоја држава, нашата не е многу светла. Тоа конечно го сфати Владата и пред неколку години се обидува со екстерен тест да го реши проблемот. Иако потегот е многу валиден и го применуваат многу држави, со многу посилни образовни системи, кај нас не дава резултати. Причината за тоа е што при истиот има многу грешки и недоследности. Од поставените прашања, материјалот на кој се проверува знаењето, објавувањето на прашањата, одговорноста на учениците и професорите,....  премногу грешки за да даде реална слика или воопшто да влијае позитивно на системот кој тоне. Затоа засега сум на страна на студентите. Екстерен тест на факултетите, поставен како оној во средните и основните училишта ќе предизвика само хаос и ќе потроши средства. Ништо повеќе. Ни треба сериозна анализа и план, за да дојдеме до решението за подобрување на образованието. Всушност протестот на студентите се однесуваше токму на тоа, тие и немаа документ или точен план за „наводниот“ екстерен тест, туку изјава на Министерот за образование. Се надевам дека Владата ќе го уочи тоа и нема да тргне во нов експеримент за нов „екстерен“ дебакал.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно