ЖЕШКО ви е денеска? Погледнете што не чека од утре!

Предупредување за жолто ниво на опасност од високи температури, Управата за хидрометеоролошки работи дава за среда, кога се очекува во југоисточните делови од земјата максималната температура да биде 40 Целзиусови степени. Освен високи температури, се очекуваат и високи вредности на УВ индексот, односно над девет. Топлотниот бран, според синоптичарите од УХМР, ќе трае два дена, односно високите температури ќе се задржат до четврток попладне, кога на северозапад ќе се појави нестабилна воздушна маса со облаци.

pekol

"В петок времето ќе биде облачно со повремени дождови, а на југот од земјата е можна појава и на грмежи. Тогаш температурата ќе падне за три до четири степени. Посвежо, но топло ќе биде за време на викендот", велат синоптичарите од УХМР.

Денес температурите ќе бидат до 38 степени, со вредност на УВ индекс 9.

Д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје, вели дека викендот екипите на Итната медицинска помош имале меѓу 80 и 90 интервенции, што е вообичаена бројка за овој период од годината. Таа објасни дека најголем број од повиците се од хронично болните и дека штетните последици од топлото време граѓаните допрва ќе го почувствуваат.

"Пациентите повеќе се жалеа дека наглите промени на времето влијаат на нивната здравствена состојба. Овие промени најмногу ги чувствуваат ризичните групи, односно хронично болните, како и лицата со покачена телесна тежина. Затоа треба да се придржуваат до општите препораки за заштита, односно без потреба да не излегуваат и да не престојуваат подолго време надвор во периодот од 10 до 17 часот, да носат заштитни очила, капа, лесна облека и да пијат повеќе течности", вели д-р Баевска Вучковиќ.

Министерството за здравство вели дека во соработка со сите здравствени домови ќе организира пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време во секој град.

"Веќе ги известивме здравствените установи за поголема мобилност за навремен прием и лекување на евентуално зголемен број на лица со последици по здравјето од топлото време, мерки за климатизација на просторот, обезбедување на ладна соба", велат од Министерството за здравство.

Коментари

Популарно