ДОБРЕДОЈДОВТЕ БЕГАЛЦИ!!!* *(особено добрите пливачи и маратонци)

Мала аналогија. Кога ќе видам дете просјак на улица во отприлика пола од случаите му давам пари, некогаш и без да ми побара, а во пола од случаите ќе му ги опцујам родителите во себе и терам понатаму. Која од овие две постапки е похумана на краток и долг рок? Нормално, првата постапка е похумана на краток рок – детенцето со моите 10 – 20 денари и со парите кои ќе ги собере од другите минувачи ќе си купи кифла, можеби и нешто облека.

burek

Но, на долг рок, овие секојдневни мали гестови на хуманост и добрина создаваат своевидна индустрија која се заснова на експлоатирање на деца. Родителите на тоа детенце, кога ќе ги пребројат парите што ги собрало благодарение на сочувството кое ќе го предизвика кај минувачите, следниот ден повторно ќе го пратат да питачи (откако ќе му ги земат парите и ќе си купат ракија, цигари, лепак... и се надевам некоја кифла).

Додека ова малтретирање на деца (што би требало да биде казниво дело за кое се одзема родителско право) носи доволен профит, родителите на тоа дете нема ни да помислат да се средат, да побараат некаква работа и да почнат да обезбедуваат за своето семејство. Сите се згрозивме од снимката со дадилката во Ѓорче, но рамнодушно поминуваме покрај мрсулави, немиени, неисчешлани, честопати болни дечиња кои секојдневно многу посурово се малтретирани, и тоа од нивните сопствени родители кои ги тераат да се пикаат меѓу коли, независно дали е августовска жега или сред зима, им го крадат детството и ги онеспособуваат за продуктивен живот. Ако сите ние уште

денес решиме дека, независно колку приватно сме погодени кога ќе ги видиме овие дечиња, ќе престанеме да им даваме пари, за кусо време ќе ја искорениме оваа експлоатација на децата која ни е веќе станата банално секојдневие. Доколку сакаат да опстанат, нивните родители ќе мора да ги сменат своите животни навики, а ако не се способни за тоа, има многу семејства во Македонија кои би им пружиле вистинска грижа на овие деца.

Нешто слично се случува деновиве со бегалците. Добронамерни и хумани луѓе, оној тип на луѓе кои следат вести од светот, читаат, мислат дека знаат што се случува и сакаат да бидат дел од секоја добра кауза, ги преплавуваат социјалните медиуми, плоштадите и спортските стадиони со изрази на поддршка на бегалците од Сирија. Премиерот на Финска рече дека ќе му ја понуди својата викендичката на семејство од Сирија. Интернет сајт направен по угледот на Air BnB нуди бесплатно сместување за бегалците низ западна Европа.

Премиерите на европските држави и Канада се соочија со гневни повици од интелектуалци, писатели, познати фаци, зошто не се согласиле да примат бегалци и со обвинувања дека крвта на Ајлан Курди е на нивните раце. Транзитните земји како Македонија добија најмногу внимание на Си-ен-ен од Косовската криза до сега, затоа што неколку пати полицијата реагираше кога бегалците се обидоа да го пробијат кордонот (кој не ги спречува да влезат во Македонија, туку ги спречува да влезат нерегистрирани и во моменти кога нема обезбеден превоз). Сликите од пресреќни бегалци кои успеале да стигнат до Минхен се емитуваат на сите можни медиуми, секако и во милионските бегалски кампови во Турција, Јордан и Либан – држави кои навистина се покажаа како хумани, посрамувајќи го и западот и истокот.

Но, со сета должна почит кон селфи-хуманитарците, морам да ви напоменам дека притоа правиме катастрофална грешка. Не зборувам за

демографските промени во старата дама Европа, или опасноста од инфилтрација на ИСИС (побогу, ние веќе некое време извезуваме

ИСИС-овци). За тоа потоа. Правиме катастрофална грешка бидејќи со секоја објавена фотографија на еден среќен бегалец од Минхен или Берлин, десет нови тргнуваат од камповите во Турција (и уште десет надвор од Сирија – од Авганистан, Ирак, западна Африка). Значи

навистина, кој морон треба да бидеш да мафташ со знак ДОБРЕДОЈДОВТЕ БЕГАЛЦИ!!! знаејќи дека за да бидат добредојдени во твојата убава и средена европска држава, луѓето првин мора да бидат подготвени илегално да преминат 20 километри преку отворено море, да се истуркаат за место на грчките ферибродови, илегално да поминат 3-4 граници, некогаш сокриени во камиони без воздух, некогаш одејќи пеш по железничка пруга, мора да спијат во ниви или шуми додека на секој чекор им се заканува да бидат киднапирани, силувани или убиени од банди на шверцери со луѓе.

Ова што го правиме е исто како да му мафташ на куче со парче месо од другата страна на прометна улица. Ако има среќа и претрча преку улицата без да го удри кола, тогаш ти си најхуманиот човек на светот, идол за Анима Мунди. Ако го згази камион... Јбг. Селфи хуманитарците поттикнуваат своевидни смртоносни олимписки игри или трка со препреки. Добредојдени сте, но само ако сте добар пливач, спремни за трчање на кратки и долги патеки, добро поднесувате солзавец, можете да си ги влечкате децата преку планини, долини и мориња, имате доволно пари да им платите на шверцерите на луѓе, но не премногу бидејќи ќе ве ограбат по пат, знаете да користите

гугл мапс, ама немате премногу добар телефон бидејќи ќе ви го украдат и исполнувате ред други услови и вештини. Целата оваа трка е

пренесувана на телевизија, како во The Running Man со Шварценегер, и ние во Европа и на фејсбук навиваме за некои натпреварувачи (Али со ќерка му стигнале до Будимпешта! Ајше ја вратиле во Србија) пцуеме по други (го видовте ли оној што му направи знак на унгарскиот камерман дека ќе го коле?? Абе овој бил во ИСИС!) и притоа гледаме како целата приказна може да се искористи за политички цели (Американците се криви за се. Сега Русите ќе ви покажат како се тепа ИСИС. Вие десничарите сте ксенофоби. Не, вие сакате да не исламизирате...).

Ние сепак имаме искуство со бегалски кризи и знаеме која е правилната процедура која е пред се во интерес на бегалците. Огромното мнозинство од нив се сместуваат во првата безбедна соседна земја во која побегнале. Денешните Турција, Либан, Јордан во 1999 беа Македонија и Албанија. Помош им се дава на лице место. Меѓународната заедница и гарантите на безбедност (тоа некогаш беа САД и НАТО, денес ги има повеќе) обезбедуваат помош и работат на тоа да се стави крај на војната и да се обезбедат услови за враќање на бегалците дома. Во случајов, иако објективно ИСИС и Асад се две прилично слаби формации кои лесно би биле победени со западна воена интервенција, по се изгледа ќе се причека уште некое време додека Западот да собере храброст да го стори тоа што мора да се стори и да ги исполни ветувањата дадени при војната во Ирак – дека ќе обезбеди стабилност и некаков вид на демократија на Блискиот Исток. Но, друга алтернатива едноставно не постои.

Не му посакувам на никого да живее во бегалски камп. Ако веќе дошол до Гевгелија, се разбира дека треба да го пропуштиме нагоре на север што е можно побргу и побезбедно (и тоа и го правиме). Но, многу е неодговорно и опасно да ги охрабруваме луѓето да тргнат на овој пат, како што прават германските власти и медиуми, и разните селфи хуманитарци низ транзитните земји. Лошо им правите на луѓето. Штотуку видов дека некој Сириец со смисол за црн хумор направил верзија на игрицата Супер Марио, ама главниот лик е бегалец кој треба да скока преку мориња, планини и боцкава жица за да стигне до Европа. Не сфаќам, зошто би поттикнале човек со семејство, со жена и деца, кој живее во релативна безбедност да го направи тоа?

Цветин Чилиманов за Јади Бурек

Коментари

Популарно