Планот на Заев е да дојде на власт преку коалиција со ВМРО?!

Пред повеќе од една година во еден текст напишав дека до избори, кога и да се, ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски нема потреба да превземаат нешто или да трошат пари за кампања, Заев и СДСМ сами ќе ja \\им подарат победата и ете погодив. Јас не знам дали луѓево не сакаат да дојдат на власт, дали толку им е капацитетот или некој ги лаже, но знам дека на 11ти Декември (ако има избори) ги чека невиден дебакал.

судење-Груевски-Заев-6

Од една страна би сакал да им се случи дебакал, затоа што го заслужија. ВМРО ДПМНЕ им даде толку многу шанси да го придобијат гласачкото тело во Македонија, а тие во моментов „на пазарот“ стојат полошо од колку пред две години, кога започна сето лудило. Од друга страна, демократија без опозиција во една држава не е здрава состојба. Еве гледаме што се случува во последниве години во Македонија и како изгледа сето тоа. Кога нема конкуренција, лидерот се опушта и почнува да се однесува егоцентрично. Тоа е така во секоја област, не само во политиката, а најочигледно е во спортот. Ако лигата е слаба, шампионот (колку и да е силен) нема да се докаже во интернационално натпреварување.

Оние кои следат политика знаат дека овој мој тескт е испровоциран од завчерашната изјава на Заев на гости кај Борјан Јовановски, за ставот на СДСМ да се воведе двојазичност на целата територија на Македонија. Во ред, за едно му честитам на градоначалникот на Струмица. Ни кажа на време. Без криење и лажење. Ако СДСМ победи на следните парламентарни избори, во цела Македонија, албанскиот јазик ќе биде официјален, заедно со македонскиот. Сите оние кои ќе гласаат за Заев, сакаат или барем оправдуваат двојазичност. Е сега прашање е колку такви има. Понатаму во изјавата лидерот на опозицијаа вели дека СДСМ ќе има најмногу гласови од Албанците во Македонија. Повеќе и од албанските партии! Тука во една реченица спомна дека, овој исход би бил таков дури и ако социјал демократите не коалицираат со албанска партија пред избори. Значи постои можност тоа да се случи. Всушност само во таков случај постои некаква логика за изјавата на Заев. Ако СДСМ пред избори коалицира со ДУИ или ДПА, таа албанска политичка опција би требало да искочи како победник кај албанскиот гласачки електорат. И да, во тој случај СДСМ ќе има најмногу албански гласови, веројатно ќе освои повеќе гласови од претходните избори, но колку од тие ќе бидат гласови на Македонци? Колку гласови ќе му одземат на ВМРО или пореално, колку ќе му подарат? Со оваа стратегија СДСМ ќе одработи за својот (можен) албански коалиционен партнер и за ВМРО. Коалицискиот партнер ќе добие албански гласови, а ВМРО македонски. Сепак, СДСМ ќе може да се фали со бројот на албански гласови и како тоа тие се партија за сите националности. Ако, пред избори не дојде до коалиција на СДСМ и една од двете големи албански партии, тогаш изјавата на Заев e политичко самоубиство. Не знам дали некој го лажел, дали воопшто во СДСМ се прават анализи или лидерот слепо се следи, но знам дека во Македонија, ниту има потреба од двојазичност, ниту истата ќе биде прифатена од Македонците. СДСМ изгуби огромен број на симпатизери и нивни сигурни гласови со појавувањето на Заев на фудбалскиот меч на Шкендија, а сега форсираат двојазичност? Како тоа би им донело гласови? Стратегијата е толку очајна, што не може ни да стане збор за стратегија, бидејќи истата паѓа во вода со само едно прашање. Ако СДСМ ги застапува интересите на Албанците во Македонија и сака власт од албански гласови, кој ќе ги застапува интересите на Македонците? Или сега и македонски интерес е да се зборува албански и онаму каде не живеат Албанци? Ако не, еве и по дома да си збориме албански, чисто ради тренинг. Единствен начин СДСМ да дојде на власт со оваа стратегија е ако  успее да освои најмногу албански гласови од албанските гласачи во Македонија, што ќе значи дека треба да направи пост-изборна коалиција(влада) со ВМРО ДПМНЕ!!! Тоа е планот? Па како тогаш ќе го исполнат ветувањето за двојазичност на цела територија на Македонија? Колку што јас знам Груевски и сопартицијте не го делат интересот за офцијален Албански јазик во цела Македонија.

Секогаш кога ја критикувам опозицијата сум обоен во ВМРОвец од страна на симпатизерите на СДСМ и никако не можам да им објаснам една проста работа. Ако сакате подобра власт, опозицијата мора да е на ниво! Без разлика кој е на власт, опозицијата има речиси исто важна улога. Нема да кажам дека СДСМ е виновен за сите лоши потези на ВМРО, но нивната погрешна стратегија не им дозволува на гласачите да ја казнат партијата на власт. Познавам многу луѓе кои би гласале против ВМРО, но немаат за кого да гласаат. СДСМ ни ја одзема таа опција.

Автор: Пацифист

Коментари

Популарно