Напишал проштално писмо и го преживеал ураганот Сенди

Откако ураганот Сенди помина низ источниот брег на САД, раскажани се многу приказни за преживеаните. Многумина од нив оставиле и проштални писма. Американските медиуми објавуваат едно такво.

Мајк (28) од Њу Џерси бил уверен дека ќе загине, во писмото кое го напишал се прости од своите познаници, пријатели и роднини.

- Кој и да го чита ова нека знае дека во овој момент умирам. Моето име е Мајк и имам 28 години, морав да провалам во вашата куќа, земав покривач од вашиот кауч затоа што имам хипотермија. Не земав ништо друго. Бранот вода ме исфрли од куќата недалеку од вашата. Мислам дека нема да преживам. Надвор водата е длабока преку три метри. Нема спас, напишал Мајк во почетокот на прошталното писмо.

Во очај, тој во писмото го напишал бројот на телефонот на својот татко и замолил да му ја пренесат љубовта од синот.

- Кажете му на мојот татко дека го сакам и дека се обидов да излезам. Тој се вика Тони. Се надевам дека ова ќе можете да го прочитате затоа што пишувам во целосен мрак. Земав и црна јакна. Збогум. Семожен Господе помогни ми, стои на крајот во писмото.

Сопственичката на куќата Кристина го фотографирала писмото и го поставила на интернет, после тоа почна да кружи по социјалната мрежа. Откако целата приказна стигна до медиумите, радио станицата WOBM во Њу Џерси се јавила на Тони.

- Да, тоа е мојот син Мајк, тој е овде. Сакате да разговарате со него, ја праша водителката на радиото пресреќниот татко. Во разговорот, Мајк рече дека во водата бил четири часа откако поплавата ја уништила неговата куќа.

- Пливав без облека на себе. Потоа ја здогледав куќата низ која поплавата помина. Влегов и се покрив со пешкири. Бев жеден и пиев солена вода, рече Мике.

После тоа до него дошле спасувачите и со чамец го префрлиле до засолништето.

Коментари

Популарно