Поради невнимание жителка на Стајковци се затрула со хуманитарна помош

Жителка на Стајковци е затруена од хуманитарна помош, откако поради невнимание се напила средство за чистење мислејќи дека е сок. Помошта им била доставена во домот од волонтери, а ја земал нејзиниот свекор. Жената кога ја испила течноста веднаш почуствувала печење во грлото и болки во желудникот, по што побарала лекарска помош.

stajkovci

На 36-годишната жена веднаш и е дадена терапија и сега е префрлена на Клиниката за токсикологија.

Од Клиниката за токсикологија потврдуваат дека жената е примена кај нив, дадена е потребната терапија и не се наоѓа во животно загрозувачка состојба.

Од полиција велат дека се уште немаат информации за случајот.

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“.

(Видео) Белград: Годишнина од масовното убиство во „Рибникар“

На денешен ден пред една година настана трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.

На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.

На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.

И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.

„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.

На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.

Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.

Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.

„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.

На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.

Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.

Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.

Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.


Репортери без граници: Северна Македонија на 36. место, најдобро рангирана меѓу државите од регионот

Република Северна Македонија е рангирана на 36-то место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници, што е за две места подобор од 38-то место лани. Од земјите во регионот Северна Македонија е најдобро оценета, а следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.

-Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите, стои во оценката за земјава.

Во однос на Медиумски пејзаж се наведува дека иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои плагијат и копираат и залепуваат содржини. Исто така, постои голем јаз меѓу користењето и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверливост.

За политички контекст се забелчежува дека целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

-Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, стои во Извештајот.

Во контекст на правната рамка се посочува дека Уставот ја гарантира слободата на говорот и забранува цензура, но дека земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската унија, на која има намера да и се придружи, а се посочува и на пресудата за ИРЛ и новиот закон за медиумите во делот на рекламирањето.

-Процедурите на SLAPP служат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Осудата за клевета, во 2023 година, на медиумот IRL за нејзината истрага од општ интерес постави опасен преседан. Новиот закон со кој повторно се овластуваат националните и локалните власти да се рекламираат во медиумите во приватна сопственост, ја зголеми загриженоста за можното поврзано ширење на влијание, нотира Извештајот.

За економски контекст се наведува дека иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакцијата на некои од главните ТВ канали е изложена на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање, се додава понатаму, е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството, се посочува, е многу несигурна професија, а некои медиуми се подложени на влијанија од страна на маркетинг агенциите.

Во делот за социјланиот контекст стои дека иако не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат, како што се посочува, за опаѓање на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка или религија, 

Кога е во прашање безбедноста на новинарите се констатира дека тие се често мета на вербални напади, а меѓу другото се посочува и за назначувањето специјален обвинител задолжен за случаите на напади врз новинари.

-Под изговор за заштита на државните тајни и личните податоци, тие можат да бидат изложени на судски притисок и произволни правни постапки. Сепак, судовите имаат тенденција да ја поддржуваат слободата на печатот и да ги штитат новинарите. Во главниот град беше назначен специјален обвинител кој ќе ги води случаите на напади врз новинари, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја, стои во Извештајот на Репортери без граници за земјава.

Првите места на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година им припаѓаат на Норвешка, Данска и Шведска. На листата од 177 земји во светот најлоши оценки за слободата на медиумите имаат Туркемнистан Иран и Северна Кортеја.

Популарно